Невреме ја погоди и Босна и Херцеговина, многу места останаа без струја

Најтешка е состојбата во северозападниот дел од земјата, односно во Унско-санскиот кантон, каде што повеќе градови се без електрична енергија

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/N1 BiH

Повеќедневното невреме и снежните врнежи, проследени со отежнат сообраќај и првите поплави, предизвикаа и сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија во делови од Босна и Херцеговина, потврдија од Електропривреда БиХ.

Како што наведоа, најтешка е состојбата во северозападниот дел од земјата, односно во Унско-санскиот кантон, каде што повеќе градови се без електрична енергија.

Поради дефект на далноводот што ги поврзува Приједор и Босанска Крупа, целосно без струја останаа Велика Кладуша и Бужим, а дефекти се регистрирани и во Сански Мост, Бихаќ, Кључ и Цазин.

Локалните медиуми јавуваат дека во Унско-санскиот кантон пожарникарите се справуваат со последиците од силното невреме, кое урнало бројни дрвја на патиштата, а одредени подрачја останале и без телефонски сигнал.

Без електрична енергија се и подрачјата на Бјелашница и Игман кај Сараево, а прекини во снабдувањето се пријавени и во општините во централниот дел од земјата, како што се Вареш, Олово, Завидовиќи, Маглај и Жепче, како и во Херцеговина, во регионот на Коњиц.

Агенцијата за водно подрачје на реката Сава во БиХ издаде предупредување поради зголемување на водостојот на реките како резултат на дождовите и топењето на снегот. Проблеми се очекуваат во сливовите на реките Сана и Спреча.

Во областа на Прњавор, водата веќе се излеа од коритото на реката Сана во саботата, поплавувајќи околни станбени и стопански објекти.

Босанскохерцеговскиот автомото клуб (БИХАМК) информира дека сообраќајот низ целата земја се одвива отежнато, особено на планинските превои каде важат посебни мерки за камиони и други тешки возила.

На делницата меѓу Кључ, Босански Петровац и Бихаќ, сообраќајот за камиони е целосно забранет.