Вељко Беливук, кој беше уапсен на почетокот на февруари и обвинет за некои од најмонструозните злосторства, имал разработен систем за регрутирање на својата војска.
Тој собра околу себе вистинска армија следбеници, од кои најблизок беше Марко Миљковиќ попознат како „Касап“, потоа Милован Тадиќ Микси, познат како поранешен свршеник на Тијана Ајфон, но и многу други.
Кога Веља Невоља ја презеде трибината на Партизан, тој полека и систематски започна да ги собира луѓето околу себе. Имено, тој им пријде на послабите навивачи нудејќи им заштита на трибините. Момчињата кои го прифатија, несвесно паднаа во маѓепсаниот круг на Беливук, од кој било тешко да се излезе.
Како што растеше улогата на Веља на трибината, така растеше и неговата моќ во белградското подземје, а тој ги назначуваше навивачите, кои дотогаш ги „штитеше“, за свои војници, нудејќи им пари и улога во криминална група доколку тие го поддржуваат, пишува српски „Блиц“.
Вељко ја започна својата „кариера“ во 2016 година по убиството на Александар Станојевиќ, познат како Сале Мутави, а во едно интервју кое го даде истата година, тој објасни како застанал во „заштитата“ на навивачите од групата „Алкатраз“.
„Имаше конфликт на јужната трибина што не можеше да го решат тогашните „Алкатрази“. Дојдовме тука како нивна заштита. Сепак, со текот на времето, клопчето почнува да се расплетува и сфаќаме дека тоа што го прават воопшто не е правилно. Тогаш решаваме да ги земеме работите во наши раце. Влеговме во отворен судир со тој безначаен Вавиќ, кој претходно тука претставуваше страв и трепет. Навивачите не се осмелуваа ништо од него, малтретираа луѓе на трибините, фудбалерите приватно, им ги земаа парите и така натаму. Одредени фудбалери сакаа да излегуваат на сплавовите, да се сликаат со тој Вавиќ, да се возат во блиндиран автомобил … Зошто? Ја промашиле професијата. Тоа е како кога таксист мисли дека е криминалец. Тоа е проблемот. Некои фудбалери се дружеа со такви луѓе, па кога дојде денот за наплата, тогаш се исплашија и дојдоа кај нас да се пожалат. И, решивме да ги ставиме работите на свое место. Затоа што не сакам да доаѓам и да бранам некои од нив за дневница, а тие да молзат сè живо каде што можат. И со текот на времето, спонтано, целиот југ се сврте кон нас и нè прифати како лидери“, рече Беливук во 2016 година, додавајќи:
„Потоа разговаравме со лидерите на навивачите во тоа време, им објаснивме дека им поминало времето, дека ја завршиле својата кариера, дека многу ги задевале луѓето и дека отсега ќе дозволат тоа да се прави правилно“, заклучува Беливук.
Влијанието на Веља Невоља на трибината започна да расте, младите навивачи му се восхитуваа и се плашеа од него. Дури и тогаш, Беливук гледал на позицијата водач на навивачите како профитабилна работа. И порано, па и тогаш, Беливук сè уште работел како чувар на белградските клубови, а потоа помали и послаби навивачки групи почнале да му се обраќаат за помош и да бараат заштита од „јаничарите“.
Како што и самиот рече, тогаш тој добил дете и таа работа да обезбедува одредени навивачи или групи „му изгледала како одлична идеја“ да заработи пари. Поради насилството, многу луѓе биле уапсени во тој период. Како што и самиот истакна, „тој има краток фитил“.
„Многу краток“, додаде тој.
Беливук внимателно го градел своето влијание на трибините. Тој им понудил заштита на децата, велејќи им дека никој не смее да ги допре, да му се јават ако им треба нешто. Еден по еден, тие почнале да му се поклонуваат. Апетитите на Веља тогаш се зголемиле. Почнал да заработува се повеќе и повеќе од момче кое „немало ни за леб“. Тој го искористил своето навивачко влијание за да ја преземе безбедноста на сите поголеми белградски клубови. Неговите обожаватели полека почнаа да бидат пред вратите на рестораните и клубовите на најдобрите локации и од оваа позиција тие лесно можеа да дистрибуираат дрога во објектите, но и да ја покажат својата моќ.
Навивачите кои ја рабтеле оваа работа, заработуваа добро. И тоа беше токму следната „ставка“ со која Беливук „регрутираше“ нови членови на тимот.