Олеснување на трговијата помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија и поедноставени и побрзи постапки за плаќањата се конкретните активности на кои работат двете страни во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. Станува збор за активности коишто директно не инкорпорираат во европскиот пазар. Со забрзување на протокот на стоки до големиот европски пазар и олеснување на плаќањата за компаниите не прави еднакви со земјите од ЕУ. Ова го порача заменик-министерот за финансии Филип Николоски, кој учествуваше на министерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан во Котор.
-Денеска имаме можност да разговараме за конкретни активности во рамки на Планот за раст на Западен Балкан и нашето приближување до ЕУ. Олеснувањето на трговијата и поедноставени постапки во плаќањата, што се теми на денешниот состанок, се чекори коишто не прават дел од големото европско семејство. РС Македонија веќе врши подготовки за пристапување во СЕПА регионот што значи отстранување на пазарните бариери со земјите од ЕУ, подигнување на кредибилитетот на финансискиот сектор на меѓународната сцена, продлабочување на трговските односи со европскиот економски регион, поедноставни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и компаниите. Од друга страна преку зелените коридори се обезбедува непречен проток на стоки меѓу регионот и ЕУ и намалување на времето чекање на граничните премини. Тоа се клучните елементи за нашето економско поврзување со ЕУ, рече Николоски.
Имено, како што информираат од Министерството за финансии, олеснувањето на трговијата ќе се постигне преку проширување на зелените коридори на граничните премини помеѓу Западен Балкан и ЕУ, а олеснувањето на плаќањата ќе се обезбеди со пристапот на земјата во СЕПА регионот.
Северна Македонија веќе има изразено подготвеност да ги исполни критериумите за пристапување во СЕПА регионот. Министерството за финансии и Народната банка работеа на подготовка на апликацијата, и нацрт верзијата е веќе поднесена на крајот април 2024 година и се очекува финалната апликација да се достави во предвидениот рок на крајот на јуни 2024 година.
Станува збор, како што потенцираше заменик-министерот за финансии, за мерки кои ќе овозможат земјите од регионот пред да станат полноправни членки на ЕУ да ги уживаат придобивките од заедничкиот пазар, чиј потенцијал ќе го поттикне економскиот раст и развој и ќе придонесе за забрзана економска конвергенција на Западен Балкан кон ЕУ.
-Планот за раст како алатка е особено значајна и треба сите земји да вложат максимални напори да ја искористат оваа подадена рака за да се изоди патот до ЕУ побрзо и да се ползуваат придобивките од тоа членство поскоро. Нема друга алтернатива и за РС Македонија и за останатите земји од Западен Балкан и од тој пат не треба да отстапиме. Тоа е за подобро утре на сите граѓани од Западен Балкан и заштита од негативни влијание што ги создаваат кризите, како војната во Украина и тензиите на Блискиот Исток, потенцираше заменик-министерот Николоски, кој истакнал дека националната Реформска агенда е веќе подготвена.
Од Министерството за финансии посочуваат дека во ЕУ е усвоена регулативата за формирање на механизмот за реформи и раст на Западен Балкан и се отвора целосно патот за пристап до финансиската поддршка за спроведување на реформите во износ од 6 милијарди евра за целиот регион, а за земјава околу 850 милиони евра.
Министерскиот состанок во Котор се одржува во рамки на Регионалниот самит на лидери под мотото „Еден регион, заедничка визија“, на кој ќе учествува и техничкиот премиер Талат Џафери.