Николовски: Лозарите се задоволни од откупната цена, дополнителните субвенции ќе ги добијат пред „Св. Трифун“

од Radmila Tasevska
503 прегледи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска најави дека лозарите ќе ги добијат дополнителните субвенции пред „Св. Трифун“. Според него, тие се задоволни од годинашната цена која е значително повисока поради понискиот принос и огромната побарувачка од откупните компании.

Како што истакна Николовски, кон средината на идната година лозарите ќе добијат уште 12 000 денари поддршка.

-Лозарите прв пат, преку новиот модел на субвенционирање, до крајот на годинава, а не следната пред „Св. Трифун“, ќе ги добијат 30-те проценти од средствата за директна поддршка на лозовите насади. Со овој модел овозможивме постојана финансиска поддршка за лозарите во текот на целата година. Ако пред 1,5 месец беше исплатена дополнителната мерка од лани, сега ќе биде исплатена дополнителната авансна поддршка од 12 000 денари и дополнителните субвенции ќе ги добијат пред „Св. Трифун“ и кон средината на следната година уште 12 000 денари кои ги утврдивме и се однесуваат на намалениот принос оваа година, рече министерот, одговорајќи на новинарски прашања по изјавата во врска со претстојниот втор Национален саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“ што ќе се одржи на 7 октомври.

И лозарите, напомена, велат дека оваа година грозјето има највисоки цени поради падот на приносот.

-Не е точно дека лозарите не се задоволни од цената зашто ниту едно здружение и ниту една потсекторска група воопшто не ја отвораат темата со цените. Велат дека оваа година има највисоки цени поради падот на приносот. Тоа се фактите, а веќе објавивме дополнителна мерка од 12 000 денари за хектар, дополнително, за сите лозари кои ги имаат пријавено површините. Одиме со мерка за површина, зашто имаме производители кои целосно го изгубиле родот, но има и такви имаат повисок и поквалитетен род. Се зависи од мерките што ги преземале во текот на годината. За да биде одлуката праведна, одлучивме да дадеме дополнителни 12 000 денари на вкупните субвенции од 40 000 денари по хектар или околу три милиони евра дополнителни средства за лозарите само зашто има штети од болестите и помал принос од лани, а ако зборуваме за цените, тие се повисоки зашто има огромна побарувачка од откупните компании на грозје. Цените годинава се драстично зголемени, особено за поквалитетните сорти, подвлече Николовски.

Слични содржини