Нов начин на градење куќи во Швајцарија може да ги намали емисиите на јаглерод диоксид

од Vladimir Zorba
44 прегледи

Во Швајцарија е смислен нов начин на градење куќи со користење на евтини, одржливи материјали, кои се достапни во огромни количини, наместо цемент. Ова би можело да и помогне на градежната индустрија да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и загадувањето на воздухот, според истражувачите од Федералниот институт за технологија во Цирих.

Тим од швајцарски експерти создаде робот кој со помош на специјален метод на 3D печатење формира ѕид од различни градежни материјали, без потреба од калап кој го држи бетонот во одредена положба кога се суши.

„Овој тип на печатење претставува интердисциплинарна соработка. Комбинира архитектура и роботика, автономни роботски системи и наука за правење материјали, особено материјали за одржлива градба“, вели д-р Лорен Васи од Федералниот институт за технологија во Цирих.

Од Институтот објаснуваат дека материјалот се стврднува, не се користат калапи, бидејќи слоевите брзо се сушат. Оваа техника користи уникатен пристап за 3D печатење каде што роботот исфрла грутки градежен материјал со брзина од 10 метри во секунда. Грутките се врзуваат и постепено формираат ѕид. Методот е различен од традиционалното 3D печатење бидејќи сега нема потреба да се суши претходно нанесениот слој пред да се нанесе нов, па конструкцијата е поефикасна.

„Ако нашиот систем е целосно функционален, тоа значи огромен потенцијал и за многу брза и еколошка градба“, истакна д-р Лорен Васи.

Досега овој градежен систем успешно се користи на згради високи до три метри, со употреба на специјални платформи развиени од Лабораторијата за роботски системи при Институтот во Цирих.

Целиот процес е дизајниран да ги поевтини одржливите градежни материјали, користејќи мешавина од мелени материјали, со малку адитиви како тиња и глина.

Слични содржини