Пет лица се повредени денеска, од кои три деца, во напад со нож во близина на училиште во Пекинг, соопшти полицијата. Нападот се случил во северозападниот кварт на Пекинг Хаидијан, пренесе АП.
Како што соопшти кинеската полиција, никој од повредените не е во животна опасност.
Осомничен за нападот е 50-годишен маж кој е уапсен на лице место и е под истрага, додаваат од полицијата. Во соопштението се наведува дека нападот се случил до познато основно училиште.
Оваа година во Кина се случија неколку напади со нож, а неколку од нив се случија меѓу училишни деца, потсети АП.
Минатиот месец, 10-годишен јапонски ученик беше убиен по напад со нож во близина на неговото училиште во јужниот град Шенжен. Во вториот напад што се случи во јуни на училишната автобуска станица во Сужоу, една жена и нејзиното дете беа ранети, а жена која се обиде да интервенира беше убиена.
Напад со нож се случи и на почетокот на октомври кога три лица беа убиени, а 15 повредени во супермаркет во Шангај.
Според АП, Кина има строги прописи кои го ограничуваат поседувањето оружје од приватни лица, па така ножевите и рачно изработените експлозиви се едни од најчестите видови оружје.