Апликацијата Tea, која стекна популарност меѓу жените поради можноста за проверка на потенцијалните партнери, привремено ја исклучи функцијата за размена на пораки откако хакерски напад доведе до протекување на илјадници фотографии, објави и коментари од страна на корисничките.
Во новото соопштение, американската компанија што стои зад апликацијата Tea соопшти:
„Во текот на понатамошната истрага за кибер-инцидентот поврзан со апликацијата Tea, неодамна утврдивме дека при почетниот напад имало и пристап до одредени директни пораки (DM-и).“
Tea е апликација наменета исклучиво за жени, која им овозможува да ги проверат мажите пред состанок, вклучувајќи откривање на лажни идентитети. Апликацијата брои околу 1,6 милиони кориснички, а инцидентот првпат бил пријавен кон крајот на јули. Корисничките се известени да очекуваат дополнителни информации како што напредува истрагата.
„Нашиот тим останува целосно посветен на зајакнување на безбедноста на апликацијата „Tea“ и наскоро ќе споделиме повеќе информации за подобрувањата што ги воведуваме“, додава компанијата.
Во меѓувреме, „Tea“ ги идентификува корисничките чии лични податоци потенцијално се загрозени и најавува дека ќе им понуди бесплатни услуги за заштита на идентитетот. Според технолошкиот портал 404 Media, меѓу компромитираната содржина се наоѓаат и чувствителни разговори за абортус и прељуба.
„Разговорите може да содржат имиња, детали за минати врски или други приватни информации, што отвора простор за уцени или емотивна штета“, изјави за BBC експертката за кибер-безбедност Рејчел Персивал. Таа препорачува корисничките да ја прифатат понудената заштита на идентитет веднаш штом стане достапна, бидејќи веројатно ќе вклучува следење на кредитна активност, предупредувања за измами и осигурување од кражба на идентитет.
Особено загрижувачки – фотографии и локации
Кевин Мариот, виш менаџер во безбедносната компанија Immersive, истакнува дека најновите информации треба да ги загрижат жените кои споделиле лични податоци, вклучувајќи адреси и локации на средби со партнери.
„Ако криминалците располагаат со фотографии и директни пораки поврзани со кориснички профили, ризикот е значително зголемен“, предупредува тој, додавајќи дека корисничките треба да бидат крајно внимателни сè додека не се открие на кој начин ќе бидат злоупотребени украдените податоци.
Апликацијата Tea им овозможува на жените да проверат дали некој е во брак или регистриран сексуален престапник, како и да извршат пребарување на фотографии за да се заштитат од лажни профили (познато како catfishing).
Една од поконтроверзните функции е можноста за споделување информации за мажи со кои корисничките биле во врска – со цел да се укаже на „црвени знамиња“ (проблематично однесување кај мажите), но и на „зелени знамиња“, кои се однесуваат на позитивни искуства.
Компанијата веќе потврди дека хакерите добиле пристап до 72.000 фотографии, од кои некои прикажуваат жени со лични документи испратени заради верификација на идентитет. Иако „Tea“ во својата политика на приватност наведува дека ваквите фотографии се бришат веднаш по верификацијата, тие сепак се нашле меѓу компромитираните податоци.
Засегнати се кориснички кои се регистрирале пред февруари 2024 година. Во последно време, „Tea“ бележи нагол пораст на популарност, но и бран критики, особено од кругови кои ја нарекуваат „анти-маж апликација“.