Министерството за одбрана на Ерменија, денеска соопшти дека 13 ерменски војници биле заробени од азербејџанските сили, а уште 24 ерменски војници исчезнале и дека нивната судбина останува непозната.
Во меѓувреме, азербејџанското Министерство за одбрана денеска соопшти дека седум нејзини војници биле убиени, а 10 други биле ранети во обновените борби на заедничката граница, што избувнаа на 16 ноември.
Двете страни се обвинуваат меѓусебно за започнување на последниот конфликт во услови на тензии меѓу двете поранешни советски земји. Тие минатата година 44 дена војуваа за Нагорно-Карабах.
Азербејџанските власти вчера рекоа дека нивните сили спречиле „големи провокации“ од страна на ерменските сили на границата. За возврат, Министерството за одбрана на Ерменија ги обвини азербејџанските војници дека пукале кон нивните позиции долж границата.
Подоцна, на 16 ноември, руското Министерство за одбрана објави дека воените дејствија на ерменско-азербејџанската граница престанале, откако беше постигнат прекин на огнот со посредство на Москва. Ерменија го потврди тој извештај.
Во минатогодишната шестнеделна војна загинаа најмалку 6.500 луѓе. Конфликтот заврши со прекин на огнот кога на Азербејџан му е дадена контрола на делови од Нагорно-Карабах, како и на соседните територии кои претходно ги држеа етничките Ерменци.