Новинарот Аксел Заимовиќ, кој се наоѓа во Газиантеп, еден од најуништените градови во Турција, за N1 вели дека бројни спасувачки тимови сè уште трагаат по луѓе под урнатините, бидејќи сè уште постои оптимизам дека има преживеани, но истакнува дека шансите се многу мали.
Да потсетиме, во Турција загинаа повеќе од 36.000 луѓе, додека во Сирија официјално се евидентирани 4.500 и пол илјади жртви, од кои една третина во областите под контрола на бунтовниците. Десетици илјади спасувачи ги пребаруваат урнатините на екстремен студ, што ја отежнува ситуацијата. Вести за преживеани сè уште пристигнуваат и на седмиот ден од разорниот земјотрес.
„Во Газиантеп е мирно. Многу спасувачки тимови сè уште активно трагаат по сите затрупани во урнатините. Поминаа седум дена од двата разорни земјотреси, а сè уште постои оптимизам дека може да се најдат преживеани. Но, шансите се многу мали“, вели Заимовиќ.
Според него, првите проценки биле дека под урнатините се околу 180.000 луѓе и дека и покрај најавите, нема нови проценки за вкупниот број на затрупани жители.
Тој вели дека во Газиантеп нема недостиг од хуманитарна помош, дека се подигнати неколку илјади шатори, каде што сите што останале без своите домови можат да се пријават и да добијат привремено сместување.
„Голем број граѓани го напуштија Газиантеп и заминаа во други делови на Турција, кај роднини и познаници“, рече Заимовиќ.
Тој изјави дека, како што одминува времето, преживеаните стануваат сè пофрустрирани.
„Има многу критики, особено во првите неколку дена, за помошта што им се дава на сите затрупани под урнатините“, забележува Заимовиќ.
Тој потсети и дека се извршени неколку апсења на лица поврзани со градежните компании одговорни за изградбата на многу од објектите што беа урнати.