Мексикански новинари синоќа протестираа во Тихуана и го повикаа претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор да го запре бранот насилство врз новинарите, во кој само годинава беа убиени петмина.
Новинарите протестираа во касарна каде што Лопез Обрадор организираше прес-конференција.
Дури двајца од петте убиени медиумски работници годинава се убиени во Тихуана, а протестите се одржуваат во време кога претседателот ги засили вербалните напади врз медиумите.
– Нашата професија е тешко повредена. Како и во цело Мексико, работиме под сенката на напади и убиства за нашата работа, а злосторствата извршени врз нас не се истражени, изјави локалната новинарка Соња де Анда.
Лопез Обрадор изрази жалење за убиствата, додавајќи дека нема да останат неказнети, а подоцна ги нападна „новинарите платеници” за кои рече дека биле финансирани од „трговци со влијанија” и САД со цел да го напаѓаат.
Насилството врз новинарите го стави мексиканскиот претседател Лопез Обрадор под меѓународен притисок, вклучително и од САД.
На почетокот на оваа недела, новинарите кои го следат мексиканскиот Конгрес им го свртеа грбот на парламентарците, извикувајќи „сакаме да останеме живи”.