Ново истражување: Зачестеноста на екстремните шумски пожари зголемена за повеќе од два пати

од Илинка Илиоска
138 прегледи

Зачестеноста и интензитетот на екстремните шумски пожари се повеќе од двојно зголемени во светот во изминатите две децении, бидејќи човечката активност ја загреа планетата, се вели во новата студија објавена денеска.

За првпат, истражувачите успеаја да зацртаат глобален тренд за најразорните видови пожари одговорни за голема економска штета и загуба на животински и човечки животи. Студијата е објавена во списанието Nature Ecology & Evolution.

Користејќи сателитски записи, тие проучувале речиси 3.000 големи шумски пожари помеѓу 2003 и 2023 година и утврдиле зголемување на нивната појава за 2,2 пати во тој период.

Интензитетот на 20-те најекстремни пожари секоја година исто така се зголемил повеќе од двојно – стапка што „се чини дека се забрзува“, се вели во студијата.

„Очекував да забележам одредено зголемување, но стапката на зголемување вознемирува“, рече водечкиот автор на студијата Калум Канингам од Универзитетот во Тасманија во Австралија.

„Ефектите од климатските промени повеќе не се само нешто од иднината“.

Шесте најекстремни години во однос на интензитетот и зачестеноста на шумските пожари се случија од 2017 година, се вели во студијата – 2023 година беше сведок на „најекстремните интензитети на шумски пожари“.

Областите во кои има пораст на екстремни пожари беа групирани географски – особено Северна Америка, северните делови на Евроазија и Австралија.

Четинарски шуми, што го покриваат западниот дел на САД, забележаа 11-кратно зголемување на екстремните пожари во текот на двете децении.

Слични содржини