Основачот на „Мајкрософт“, милијардерот Бил Гејтс, ги повика богатите нации да преминат на „100 процентно вештачко говедско месо“, со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се спречат климатските промени.
Во својата нова книга „Како да се избегне климатска катастрофа“, милијардерот нагласува дека се потребни напори на владите со цел да се искористат можностите човештвото да избегне катастрофа со помош на технолошките достигнувања.
Говорејќи за списанието „Технолошки преглед“ на универзитетот МИТ, Гејтс рече дека владите треба да бидат „ограничени од нивното богатство“.
– Не мислам дека 80-те најсиромашни земји треба да јадат синтетичко говедско месо. Но, мислам дека богатите земји треба да преминат 100 проценти на синтетичко говедско месо – изјави Гејтс.
Кравите се значаен извор на метан кој достигна рекордни нивоа во атмосферата. Нивото на метан, стакленички гасови, драстично се зголеми од 2000 до 2017 година, а научниците веруваат дека поради тој гас, температурата може да се зголеми за дури четири степени како резултат на глобалното затоплување до крајот на векот.
Научниците предупредуваат дека ова може да биде многу опасно за човештвото и дека зголемувањето на температурите може да доведе до нарушувања во животната средина што ќе доведе до потенцијално масовно гладување и миграција.
– Емисијата на гасови што ги емитираат кравите и другите преживари е скоро еднаква на емисијата на метан од индустријата за фосилни горива – изјави д-р Роберт Џексон.
Бил Гејтс вели дека проблемот со говедата е „многу тежок“, посочувајќи дека дури и соединенијата што ја намалуваат емисијата на метан не се доволни.
– Можеме да се навикнеме на разликата во вкусот (природно и вештачко месо), а производителите тврдат дека (вештачкото месо) ќе биде се повеќе вкусно – вели Гејтс.
Милијардерот вели дека забележал компанија што прави синтетичко месо на клеточно ниво за да го реши проблемот, но додава дека не верува дека производството на синтетичко говедско месо некогаш ќе биде економично. Сепак, тој наведува дека некои компании имаат такви планови што можат да бидат конкурентни.
– Иако тие компании сочинуваат само еден процент од светскиот пазар на месо, тие се на пат да го решат тој проблем – додаде Гејтс.