Ново истражување откри кои се најопасните земји за посета во 2025 година. Според The Independent, земјите се оценуваат врз основа на низа фактори, вклучувајќи ја безбедноста, медицинските ризици, климатските промени и менталното здравје на граѓаните, нудејќи увид во потенцијалните закани за патниците.
International SOS, глобална компанија за здравствени и безбедносни услуги, доделува оценки за ризик кои го одразуваат влијанието на разорните настани како што се конфликти, заразни болести и екстремни временски услови. Нивоата на ризик се оценети на скала од „ниско“ до „многу високо“ за медицински ризици и од „мали“ до „екстремни“ за безбедносни ризици.
Геополитичките тензии имаа влијание
Сали Левелин, директорка за глобална безбедност во International SOS, нагласи дека геополитичките тензии имале значително влијание врз рејтингот за оваа година.
„На ниту една земја не и е смалена оценката за безбедносен ризик. Геополитичките тензии беа најистакнатите предизвикувачи, со промени во рејтингот на ризик за локации како Судан и Либан, каде што интензитетот и ширењето на конфликтот сега влијае на повеќе центри на население и севкупниот рејтинг на ризик е зголемен“, рече Левелин.
Најопасните земји за патување
Сомалија, Судан, Јужен Судан и Централноафриканската Република се на врвот на листата на најопасни земји поради екстремни безбедносни ризици, според мапата составена од International SOS.
Други земји означени како исклучително ризични се Јемен, Либија, Ирак, Авганистан, Сирија и Украина.
Земјите со „високи“ безбедносни ризици – едно ниво под „екстремните“, ги вклучуваат Мали, Етиопија, Нигерија, Демократска Република Конго, Пакистан, Мјанмар, Папуа Нова Гвинеја, Венецуела, Хаити и Хондурас.
Студијата ги истакна регионите каде ескалираа безбедносните ризици во текот на 2024 година, вклучувајќи ги и конфликтите во Судан, Либан, Израел и Мјанмар. Забележано е дека зоните со висок или екстремен ризик се прошириле во овие области поради континуираното насилство.
Најбезбедните земји за патување
Обединетото Кралство, напротив, доби оценка со „низок“ ризик во сите категории освен менталното здравје, каде што околу 15 отсто од населението пријавиле проблеми, што е втор највисок резултат на глобално ниво.
Земјите кои се сметаат за најбезбедни во светот од перспектива на безбедносен ризик се Канада, САД, Обединетото Кралство, Шпанија, Франција, Мароко и Виетнам.