Објавено дека е убиен главниот соработник на Кадиров, демант стигна директно од Москва

од Stefanija Kuzmanovska

Вјачеслав Володин, претседател на Државната дума на Русија, ги демантираше шпекулациите дека чеченскиот командант Адам Делимханов, десната рака на Рамазан Кадиров, е убиен на фронтот во Украина.

Претседателот на рускиот парламент изјави дека главниот чеченски командант е жив и здрав, пишува „Ројтерс“.

„Само што разговарав со него. Тој е жив и здрав. Не само тоа, на сите ви посакува добро здравје“, им порача Володин на пратениците.

Руската новинска агенција ТАСС пренесе изјава од неименуван чеченски командант кој рече дека Делимханов бил во Чеченија, а не во Украина и дека извештаите дека тој бил нападнат во Украина се „лажни“.

Инаку, Делимханов е пратеник и раководи со чеченскиот оддел на руската национална гарда. Тој се смета за втор највисок функционер во регионот на Кавказ по неговиот лидер Рамзан Кадиров.

Тој застана на страната на Москва заедно со голем дел од сегашното раководство во регионот, земајќи истакната улога во руската воена кампања во Украина, командувајќи ги чеченските сили во Мариупол во првите денови од конфликтот.

Слични содржини