Обновливите извори на енергија водечки во производството на струја во ЕУ

од Milan1
51 прегледи

Во Европската унија минатата година се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, додека производството од фосилни горива се намали.

Како што соопшти денеска Евростат, обновливите извори на енергија биле водечки извор на електрична енергија во Европската унија во 2023 година, со 44,7 отсто од вкупното производство на електрична енергија.

Според нив, обновливите извори на енергија произвеле 1,21 милиони гигават-часови (GWh), што е зголемување за 12,4 отсто во однос на 2022 година.

Спротивно на тоа, електричната енергија произведена од фосилни горива е намалена за 19,7 отсто во однос на претходната година, односно 0,88 милиони GWh или 32,5 отсто од вкупното производство на електрична енергија.

Според Евростат, нуклеарните централи произвеле 0,62 милиони GWh или 22,8 отсто од производството на енергија во ЕУ, што одразува зголемување на производството од 1,2 отсто во 2023 година.

Од друга страна, прелиминарните податоци покажуваат дека снабдувањето со природен гас во ЕУ минатата година е намалено на 12,8 милиони тераџули, што е пад од 7,4 отсто во однос на претходната година.

„Со тоа, постигната е најниска побарувачка за природен гас од 1995 година“, велат од Евростат.

Уште поголем пад е забележан кај јагленот.

„Употребата на кафеав јаглен е намалена за 24,2 отсто, а на тврд јаглен за 20,4 отсто. „Двете бројки се најниски забележани во историјата на запишување податоци“, според Евростат.

Кога станува збор за нафтата и нафтените деривати, испораката изнесува 526.862 илјади тони, што е намалување за 1,5 отсто во однос на 2022 година.

Слични содржини