Група радосни луѓе собрани пред Бранденбуршката порта запалија џоинти кратко по полноќ за да го поздрават стапувањето на сила на новиот германски закон за декриминализација на канабисот.
Неколку стотици видно весели луѓе, од кои многумина танцуваа на звуците на реге музиката, чекаа со кренати запалки штом часовникот отчука полноќ да запалат марихуана. Огромен лист марихуана ја красеше бината пред знаменитоста во Берлин.
„Конечно можеме да се покажеме. Не треба повеќе да се криеме“, рече Хенри Плотке, член на Германското здружение за коноп (DHV). За него новиот закон е „олеснување“ бидејќи повеќе не се смета за криминалец.
Пушењето канабис на многу јавни места станува легално од 1 април.
Според законот, секој на возраст од 18 и повеќе години може да чува до 50 грама дома и да носи најмногу 25 грама надвор. Пушењето трева е дозволено онаму каде што не е изрично забрането. Забрането е на игралишта, во училишта, спортски објекти, вклучително фудбалски стадиони, објекти за деца и млади и на 100 метри од влезот во овие објекти.
Во Германија со години беснее жестока дебата за декриминализацијата на канабисот. Медицинските групи изразуваат загриженост за младите, а конзервативните политичари велат дека либерализацијата дополнително ќе ја поттикне употребата на дрога.