Од октомври нов електронски систем за влез во ЕУ – патниците ќе чекаат подолго, но границите ќе бидат побезбедни

од Марта Пешевска
16 прегледи

Нова процедура за влез во Европската Унија очекува милиони патници од трети земји – почнувајќи од октомври, патувањата кон ЕУ ќе се одвиваат под нов електронски систем што ќе го регистрира секое преминување на границата. Системот, познат како EES (Entry/Exit System), ќе бележи кога, каде и колку долго патникот престојувал во Унијата, а пасошите повеќе нема да се печатат.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, по состанокот на министрите во Луксембург, потврди дека по долг процес на подготовки, сите земји-членки дале зеленo светлo за стартување на системот. Според планот, EES ќе започне да функционира од 12 или 19 октомври. Овој систем ќе се однесува на сите патници кои не се државјани на ЕУ – без разлика дали им е потребна виза или не – и ќе собира биометриски податоци: отпечатоци од четири прста и фотографија при првото влегување. Податоците ќе се чуваат три години за оние кои ги почитуваат правилата за краток престој, и пет години за оние кои го пречекоруваат дозволениот престој.

Целта, според Божиновиќ, е јасна: „Да знаеме кој влегува во Европската Унија. Тоа е од клучна важност за безбедноста, но и за постепено укинување на внатрешните контроли меѓу членките што беа воведени изминатите години“. Но, новиот систем ќе донесе и предизвици. Најголем проблем на почетокот ќе бидат гужвите на граничните премини. Како што предупредува министерот Божиновиќ: „Застојот ќе биде поголем и не сум сигурен дека ќе може да се избегне.“

Затоа, Европската комисија ќе почне јавна кампања за информирање најдоцна два месеца пред стартот, за граѓаните на земјите надвор од ЕУ однапред да знаат што ги чека. Имплементацијата ќе биде постепена, со пробен период до шест месеци. Доколку има технички проблеми или преголеми гужви, ќе може привремено да се врати стариот начин на гранична проверка – со класичен пасошки печат и контрола. Во голема слика, EES претставува чекор напред – иако ќе бара повеќе трпение на границите, ќе понуди поголема контрола, поголема безбедност и постепено враќање на отворени граници внатре во Шенген зоната.