Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил проштална средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како и средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, на која ги примил копиите од акредитивните писма, соопшти Министерството.
На средбата со холандскиот амбасадор, министерот Муцунски изразил благодарност за конструктивниот ангажман на амбасадорот во насока на интензивирање на билатералната соработка помеѓу нашите две земји за време на неговиот мандат.
Министерот потенцирал дека со Кралството Холандија традиционално негуваме исклучително блиски односи, со интензивен политички дијалог и широка секторска соработка. Воедно, тој изразил благодарност за холандската поддршка во градењето на нашите демократски капацитети и заложбите за промоција на слободно општество и слободна пазарна економија.
На одвоената средба со новоименуваниот амбасадор на Шпанија, Сориано Ортиз, министерот Муцунски му посакал успешна дипломатска мисија, притоа изразувајќи задоволство од досегашниот динамичен и континуиран политички дијалог, а биле изразени и заеднички заложби за интензивирана соработка и натамошно унапредување на односите помеѓу двете земји.
Воедно, министерот се заблагодарил за принципиелната и континуирана шпанска поддршка на нашата интеграција во ЕУ, и ја нагласил посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат, преку исполнување на значајни реформи на домашен план и одговорно дејствување во меѓународните односи.