Официјални лица на Израел и Хамас негираат напредок во разговорите, бројот на загинати во Газа достигна 33.200

од Сенада Ибраимова
161 прегледи

Во медиумите има спротивставени информации за тоа што се случило за време на разговорите во Египет меѓу израелските власти и делегацијата на Хамас. Додека некои медиуми објавија дека е постигнат напредок, други цитираа извори од двете страни кои велат дека сè уште не може да се очекува ништо конкретно. Во меѓувреме, бројот на загинатите во Газа надмина 33.200.

Израел и Хамас испратија тимови во Египет во неделата по пристигнувањето на директорот на ЦИА Вилијам Бирнс во саботата, чие присуство го нагласи американскиот притисок да се постигне договор што ќе ги ослободи заложниците во Газа и ќе ја олесни хуманитарната криза таму.

Утринава, египетската државна телевизија Ал Кахера њуз, цитираше неименуван висок египетски функционер кој, наводно, рекол дека е постигнат напредок во разговорите, откако делегациите постигнале договор за одредени прашања.

Сепак, неименуваниот палестински функционер за либанската новинска мрежа Ал Мајадин изјави  дека „сите обиди и напори на посредниците да постигнат договор наидоа на нефлексибилноста на Израел“.

„Во моментов нема напредок во преговорите. Доколку ги има, ќе објавиме преку официјални канали. Хамас се држи до барањата, кои вклучуваат прекин на огнот, израелско повлекување од Појасот Газа, влез на помош, враќање на раселените жители на Газа и размена на заробеници“, рече претставникот.

Во меѓувреме, Министерството за здравство во Газа објави дека бројот на загинати во Газа од 7 октомври достигна 33.207, а ранети се 75.933. Повеќето од загинатите се жени и деца.

Ова вклучува најмалку 38 смртни случаи во последните 24 часа, се вели во соопштението на Министерството.

Исто така, се проценува дека околу 7.000 тела останале закопани под урнатините на бомбардираните згради на опколената територија.

Слични содржини