ОН: 2020 година ќе биде една од трите најтопли години

од Stefanija Kuzmanovska
338 прегледи

Оваа година веројатно ќе биде една од трите најтопли, предупредуваат од ОН и додаваат дека постои можност до 2024 година да има привремен пораст на температурата над прагот од 1,5 степени Целзиусови, утврден со Меѓународниот климатски договор од 2015 година во Париз.

Температурата соборува рекорди од година во година, а деценијата 2011-2020 ќе остане најтоплата забележана досега, со шест најтопли години од 2015 година, се вели во извештајот на Меѓународната метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима.

„За жал, 2020 година е уште една вонредна година за климата“, рече генералниот секретар на организацијата, Петери Талас.

Од јануари до октомври, глобалната просечна температура беше околу 1,2 степени Целзиусови повисока од референтниот период 1850-1900 година, така што 2020 година ќе биде една од трите најтопли години.

Проценката на организацијата се заснова на пет групи на податоци, кои ја рангираат 2020 година како втора најтопла година, по 2016 година и пред 2019 година.

Се додава дека екстремната топлина, пожарите, поплавите, зголемената киселост на океаните и рекордната сезона на урагани во Атлантикот сведочат за продолжување на климатските промени.

Најголем пораст на температурата има во Северна Азија, особено во сибирскиот дел на Арктикот, каде што беше потопло за повеќе од пет степени од просекот.

Топлината во Сибир беше најголема на крајот на јуни, со 38,0 степени во Верхојанск на 20 јуни, што во моментов е највисока температура измерена северно од работ на Арктичкиот круг.

Сезоната на шумски пожари, која опустоши големи области на Австралија, Сибир, западниот брег на САД и Јужна Америка, беше најактивна во последните 18 години.

Покрај тоа, „поплавите во делови на Африка и Југоисточна Азија предизвикаа масовно раселување и ја загрозија безбедноста на храната на милиони луѓе“, забележа Талас.

Меѓу лошите вести е дека морскиот мраз на Арктикот го достигна својот годишен минимум во септември, заземајќи го второто место за време на 42-годишното набqудување на сателитот.

Од друга страна, обемот на морскиот мраз на Антарктикот беше сличен или малку повисок од просекот во последните 42 години, додека Гренланд продолжи да ја губи ледената маса, иако побавно отколку во 2019 година.

И океаните, кои складираат над 90 проценти од вишокот енергија што се акумулира во климатскиот систем на Земјата, се загреваат побрзо и побрзо во последните децении, се вели во извештајот.

Слични содржини