ОН ќе ги истражува злосторствата од протестите во Бангладеш

од Milan1
20 прегледи

Мисијата на ОН за утврдување факти се очекува да пристигне во Дака следната недела за да ги истражи наводните злосторства за време на насилните протести што ја урнаа владата на Шеик Хасина претходно овој месец, јави ДПА.

Обединетите нации работат на условите и техничките параметри на мисијата, изјави денеска постојаната координаторка на ОН во Бангладеш Гвин Луис по состанокот со Тухид Хосеин, советник за надворешни работи на привремената влада во Дака.

– Мисијата ќе работи независно, им рече таа на новинарите.

Владата ќе ја обезбеди потребната помош на Обединетите нации за истрагата да биде непристрасна и веродостојна, изјави Хосеин по средбата со претставникот на Светската организација.

По претходен телефонски разговор меѓу привремениот лидер на Бангладеш Мухамед Јунус и високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк, владата на Бангладеш објави дека ОН ќе ги испита можните злосторства.

Се верува дека повеќе од 500 луѓе загинале за време на неколкунеделните национални студентски протести со кои се бараше прекин на контроверзниот систем на квоти за работни места, кој на крајот ескалираше и доведе до оставка на Хасина.

Слични содржини