ОН: повеќе од 100 затвореници во Конго починале годинава  поради лошите услови

Вахард потсети дека во 2023 година меѓу затворениците во Конго биле регистрирани 222 смртни случаи.

од Бети Божиноска
190 прегледи

Повеќе од 100 затвореници во Демократска Република Конго умреле од почетокот на оваа година поради пренатрупаните и недоволно финансирани затвори, изјави денеска директорот на Заедничката канцеларија на Обединетите Нации за човекови права (УНЈХРО) Патрис Вахард.

Вахард истакна дека главни причини за смртта на затворениците се заразните болести, како што е туберкулозата, која лесно се шири во преполните објекти, како и недоволното количество храна.

Тој рече дека затворите во Конго се меѓу најпретрупаните во светот, наведувајќи го примерот на затворот во западната провинција Кило, каде што повеќе од 200 затвореници се сместени во ќелија со капацитет за 50 луѓе, пренесе Ројтерс.

Вахард потсети дека во 2023 година меѓу затворениците во Конго биле регистрирани 222 смртни случаи.

Конгоанскиот министер за човекови права, Алберт Пуела, рече дека владата е свесна за проблемот со пренатрупаноста во затворите и прави напори да ги подобри условите за затворениците.

Слични содржини