ООН: Северна Кореја и во 2020 продолжи да ги развива нуклеарните програми и да ги крши санкциите

од Nikola Popovski

Северна Кореја ја одржуваше и развиваше својата програма за нуклеарни и балистички ракети во текот на 2020 година, кршејќи ги меѓународните санкции, изјави дипломат на Обединетите нации за Ројтерс, запознаен со доверливиот извештај доставен до Советот за безбедност денес.

Во извештајот на независните контролори на санкциите во Северна Кореја се наведува дека Пјонгјанг произведувал нуклеарен материјал, ги одржувал своите нуклеарни постројки и ја надградувал својата балистичка ракетна инфраструктура, а исто така продолжил да обезбедува материјал и технологија за тие програми од странство, пренесува агенцијата.

Севернокорејската мисија во ООН не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар во врска со споменатиот извештај, пренесува Танјуг.

Северна Кореја е под санкции на ООН од 2006 година, а во текот на 2019 година, супервизорите на ООН известија дека земјата извезла јаглен во вредност од најмалку 370 милиони долари, што е забрането според санкциите, додека минатата година снабдувањето со јаглен беше во голема мера прекинато од јули.

Сепак, повеќе од 40 земји ја обвинија Северна Кореја во јули за незаконско кршење на ограничувањата на ООН за увоз на рафинирана нафта, врз основа на информациите дадени од неидентификувана земја-членка, што покажува дека Пјонгјанг постојано го прекршил годишниот лимит од 500.000 барели.

Извештајот до Комитетот за санкции на Советот за безбедност на Северна Кореја доаѓа само неколку недели откако американскиот претседател Џозеф Бајден ја презеде функцијата, а портпаролот на Стејт департментот во понеделникот изјави дека администрацијата планира целосно нов пристап кон Северна Кореја.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и поранешниот американски претседател Доналд Трамп се сретнаа три пати во 2018 и 2019 година, но не успеаја да постигнат напредок во барањата на САД, Пјонгјанг да се откаже од нуклеарно оружје и напорите на Северна Кореја за укинување на санкциите, според британската агенција.

Слични содржини