Опасно задолжување на Германија

од Aneta Risteska
29 прегледи

„Германија се соочува со зголемување на трошоците за одбрана што ќе создаде голем јаз меѓу приходите и расходите,. Но овој проблем не треба да се решава само преку задолжување, туку преку поширок концепт на економски раст кој комбинира привремено задолжување со други мерки“, изјави Клеменс Фуст, претседател на Институтот за економски истражувања „ИФО“.

„Би било опасно идната влада да тргне по патот на најмал политички отпор. Одржливо економско закрепнување не е можно без реструктуирање, намалување на трошоците и реформи ориентирани кон раст“, ​​истакна германскиот експерт.

Дефицитот на Германија наскоро би можел да надмине 100 милијарди евра, но Фуст ги отфрла тврдењата на некои политички партии дека оваа ситуација може да се реши само со нов долг.

„Долгот дозволува одлуката за тоа кој треба да го носи товарот да се префрли во иднината, но ништо повеќе. Во меѓувреме, повисокиот државен долг води до зголемување на каматните стапки и потиснување на приватните инвестиции. Ако монетарната политика го дозволува тоа, резултатот е повисока инфлација“, предупредува претседателот на германскиот економски институт.

Фуст затоа бара реструктуирање на државната потрошувачка во наредните години, што би вклучило и намалување на субвенциите, но и реформа на системот за социјално осигурување со цел да се ограничи зголемувањето на расходите, пренесува Танјуг.

Неопходно е да се укинат непотребните регулативи и трајно да се намали бирократијата, со што би се обезбедил економски раст на Германија и да се обезбедат милијарди евра дополнителни даночни приходи, се заклучува на веб-страницата на германскиот институт.

Слични содржини