OPEC+ ќе го зголеми производството на нафта кога ќе се отвори Ормускиот теснец

OPEC+ во неделата се договори за зголемување на производствените квоти за мај за 206.000 барели дневно, што претставува скромно зголемување кое во најголем дел ќе остане само на хартија, бидејќи клучните членки не се во можност да го зголемат производството поради војната на САД и Израел со Иран

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Future Energy & Technology

Војната од крајот на февруари практично го затвори Ормускиот теснец, најважната светска нафтена рута, и го намали извозот од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кувајт и Ирак – единствените земји кои можеа значително да го зголемат производството и пред конфликтот, пишува Ројтерс.

Цените на суровата нафта се зголемија на речиси 120 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години, што доведе до раст на цените на горивата и притисок врз потрошувачите и економиите ширум светот.

Зголемувањето на квотите од 206.000 барели дневно претставува помалку од два процента од снабдувањето кое беше прекинато со затворањето на Ормускиот теснец, но сигнализира подготвеност на OPEC+ да го зголеми производството веднаш штом теснецот повторно се отвори.

Осум членки на OPEC+ го усвоија зголемувањето на квотите на виртуелен состанок во неделата. Русија, погодена од санкции и инфраструктурни штети во војната со Украина, исто така не е во можност да го зголеми производството.

Официјални лица од Заливот предупредуваат дека за враќање на нормалните капацитети би биле потребни неколку месеци дури и ако војната престане и Ормускиот теснец веднаш се отвори.

Заедничкиот министерски комитет за следење, кој исто така се состана во неделата, изрази загриженост поради нападите врз енергетските постројки, оценувајќи дека тие се скапи и бараат долго време за поправка, како и дека имаат директно влијание врз снабдувањето.