OpenAI предлага компаниите да воведат четиридневна работна недела

Од компанијата нагласуваат дека нивните идеи, пред сè насочени кон САД, се осмислени за да поттикнат дебата за потребните чекори во време кога системите за вештачка интелигенција стануваат сè понапредни

од Кристијан Димков
7 прегледи Фото: Вештачка интелигенција

OpenAI, компанијата што стои зад ЧетГПТ, во нов извештај наведува дека работодавачите треба да размислат за воведување четиридневна работна недела, додека употребата и побарувачката за вештачка интелигенција на работното место продолжуваат да растат.

Нивните предлози за работни стратегии во кои „луѓето се на прво место“ носат низа идеи што треба да му помогнат на општеството да се прилагоди на ерата на вештачката интелигенција – за која сметаат дека ќе донесе придобивки, но и нарушувања во нашите животи и кариери.

Меѓу предлозите, пренесува Би-Би-Си, е и создавање повеќе можности во секторите што подразбираат работа со луѓе, како што се грижата за деца, образованието и здравството.

Од компанијата нагласуваат дека нивните идеи, пред сè насочени кон САД, се осмислени за да поттикнат дебата за потребните чекори во време кога системите за вештачка интелигенција стануваат сè понапредни.

Брзото скратување на времето потребно за алатките со вештачка интелигенција да извршуваат одредени задачи значи дека преминот кон напредна вештачка интелигенција е сè поблиску, се наведува во извештајот со наслов „Индустриска политика за ерата на интелигенцијата“.

„Ако напредокот продолжи, можеме да очекуваме дека системите ќе бидат способни да спроведуваат проекти кои денес на луѓето им одземаат месеци. Оваа промена ќе го преобликува начинот на кој функционираат организациите, како се создава знаење, како и начинот на кој луѓето пронаоѓаат смисла и можности“, наведуваат авторите на студијата.

Во „OpenAI“ сметаат дека, за да се подготват за овие промени, компаниите треба да се поттикнат да воведат трајни подобрувања за своите вработени, на пример преку пилот-проекти за четиридневна работна недела без намалување на платите.

Исто така, компаниите би можеле да ги зголемат придонесите за пензиско осигурување, да покриваат поголем дел од трошоците за здравствена заштита и да субвенционираат грижа за деца.

Според професорката Џина Неф од Центарот „Minderoo“ за технологија и демократија при Универзитетот во Кембриџ, идејата работниците да бидат наградени за зголемената ефикасност што ја носат револуционерните технологии не е нова.

„Разликата сега е во тоа што „OpenAI“ сака другите компании да им плаќаат на работниците повеќе, но истовремено и да плаќаат претплати за нивните услуги. Идеите од овој извештај би можеле да функционираат, но нивната примена би барала целосна промена на односот на силите меѓу трудот и капиталот“, изјави таа за Би-Би-Си.