Општина Центар пред две недели започна со инсталирање на паметно јавно осветлување на цела територија на општината. Тоа значи дека граѓаните добиваат јавно осветлување со нова ЛЕД технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата, соопштуваат од Општината.
– Општина Центар појаснува дека овие светилки не се палат мануелно туку тие почнуваат да светат следејќи го намалувањето на дневната светлина додека нивната јачина на светлост се зголемува како настапува ноќта. Исто така светлината на овие паметни светилки е во мирување со потивка осветленост кога на улицата нема движење односно зголемување на светлоста кога на улицата ќе помине пешак или автомобил. Светлината која ќе зрачи од овие нови паметни светилки ќе биде ниту многу жолта, ниту многу бела односно светлина која ја зголемува видливоста на возачите и пешаците. Тоа значи дека Општина Центар ќе има побезбедни улици за сите граѓани и учесници во сообраќајот но и побезбедни маала од било какви девијантни појави. Со овие светилки Општина Центар става крај на темните ќошиња. Воедно оваа технологија значи дополнителни заштеди за општинските средства и нивна пренамена во други нови проекти за граѓаните. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на сеуште постојниот систем, се вели во соопштението на Општината.
На територија на Општина Центар ќе бидат поставени 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници и истата опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки, вкупно 4 за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици.