Единствено во Клиника Жан Митрев во Центарот за мајка и бебе се спроведува безболно, природно породување со помош на седација со азотен оксид или попознат како гас за смеење. Седацијата односно инсертирањето на гасот азотен оксид се прави преку апаратот Master Flux Plus Device for Sedation што клиниката го набави токму за оваа намена. Овој метод на природно породување е првпат возможен во Македонија и прави породилните болки да поминат незабележано и природно подување полесно и безболно.
„Седацијата со азотен оксид е помалку инвазивна техника која носи помал ризик од несакани ефекти споредено со епидуралната анестезија. Тоа е мешавина составена од азотен оксид и кислород во еднаков сооднос и ја намалува болката, анксиозноста и нервозата, а тоа делува и врз рефлексот за породување, родилките се поопуштени и полесно оди породувањето. Поради ефектот на смеење кој го предизвикува, азотниот оксид се нарекува и гас за смеење а во акушерство погоден е поради брзото дејство, брзата елиминација од телото по прекин на употребата”, вели д-р Драгица Везенкова Вучкова, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување.
Гасот се користи за аналгезија и анксиолиза и за помали акушерски интервенции но и при други болни процедури како стоматолошки, кардио интервенции, кај деца и кај популацијата со специјални потреби, но може да се употреби и како дополнителна терапија за хронична болка кај онколошки пациенти.
„Овозможува многу предности за пациентите, го редуцира стресот, ја намалува перцепцијата за болка и овозможуваа брзо опоравување. Покрај тоа може да се примени на сите пациенти со максимална безбедност и го редуцира времетраењето зафатот. Некои жени претпочитаат да користат азотен оксид за време на контракции, а други претпочитаат да го користат за да се релаксираат помеѓу контракциите”, дополнува д-р Везенкова Вучкова.
Гасот се внесува преку мала маска за да се вдише гасот и откако ќе се отстрани маската, ефектите на азотен оксид брзо исчезнуваат.
Азотниот оксид е гасовито соединение кое се користи како аналгетик во медицината. Откриен во 18 век, неговата поширока употреба започнува во средината на 20 век по конструирањето на анестезиолошки апарат за самостојна примена на инхалациони анестетици. Се смета дека аналгетските и анксиолитички ефекти на N2O гасот се постигнуваат со ослободување на ендорфин во централниот нервен систем и модулацијата на патеките на болка преку дејствување на различни јонски канали и рецептори.