Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по обидот за атентат, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Се молиме за животот на словачкиот премиер и Словачка. Му посакуваме брзо закрепнување и враќање на работа. Моментално е меѓу животот и смртта“, рече Орбан.
Фицо беше ранет пред два дена во напад во Хандлова, на околу 180 километри североисточно од Братислава. Премиерот на Словачка е префрлен во болница и опериран во животно загрозувачка ситуација. Тој и понатаму е во стабилна, но тешка состојба. Напаѓачот Јурај Цинтула (71) веднаш по нападот е уапсен и обвинет за обид за убиство со умисла.
Словачкото МВР соопшти дека нападот е политички мотивиран бидејќи Цинтула не се согласува со политиката на владата, а особено бил против прекин на испораката на оружје за Украина.
Новоизбраниот словачки претседател Петер Пелегрини, кој го посети Фицо во болницата, изјави дека словачкиот премиер се сеќава на околностите на вчерашниот атентат.
„Се сеќава на се. Изненаден е колку брзо се случило сето тоа“, истакна Пелегрини, додавајќи дека Фицо бил свесен и по пристигнувањето во болница и се сеќава како му дале прва помош.