Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес на социјалните мрежи ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за тоа што апелираше до Украина да го забрза пристапувањето кон Европската Унија.
„Денес, Фон дер Лајен објави нови планови за Европската комисија: Украина добива пари и оружје, европските даночни обврзници ја плаќаат сметката. Срам!“ Орбан напиша на X.
Орбан претходно изјави дека пристапувањето на Украина во ЕУ ќе ја уништи унгарската економија.
Обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неколку дена, тој нагласи дека „нема пристапување на Украина во ЕУ без Унгарија“ и дека „секој Унгарец“ ќе може да се изјасни по ова прашање.
Орбан му рече на Зеленски дека „што мисли унгарскиот народ не одлучува претседателот во Киев или бирократите во Брисел. Нема пристапување на Украина во ЕУ без Унгарија. Секој Унгарец ќе може да го каже своето мислење за ова. Без разлика дали ви се допаѓа или не. Така работиме тука“.
Унгарскиот премиер претходно изјави и дека Европската Унија не сака да ѝ помогне на Украина, туку да ја колонизира, а принудувањето на Киев да го продолжи конфликтот е еден од методите на колонизација. Тој нагласи дека Унгарија е за Европската Унија, но против забрзаната европска интеграција на Украина и дека без согласност на Будимпешта, Киев никогаш нема да се приклучи на заедницата, пренесува Танјуг.