Унгарскиот премиер Виктор Орбан повтори дека блокадата на гасоводот Дружба од страна на Украина е уцена на претседателот на земјата Володимир Зеленски, со цел да ѝ се помогне на опозициската партија Тиса во Унгарија да дојде на власт.
Тој напиша на својата Фејсбук страница, заедно со објава од извршниот директор на националната енергетска компанија МОЛ, Жолт Хернади, кој изјави дека самиот гасовод „Дружба“ не е оштетен.
„Унгарија нема да остане пасивна. Ќе ја пробиеме блокадата на нафтата и ќе го заштитиме снабдувањето со енергенси на Унгарија“, напиша Орбан, објави МТИ.
Хернади изјави дека претходно бил информиран дека пожарот ќе биде изгаснат и дека гасоводот ќе продолжи со работа за два или три дена, но дека украинската страна потоа го известила дека сè уште не е донесена одлука за рестартирање на гасоводот, што, како што рече, е тешко да се објасни како технички проблем.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро реагираше на одговорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „дрзок“, откако Украина одби повторно да го отвори нафтоводот „Дружба“, кој ја снабдува Унгарија со сирова нафта.
Орбан напиша на Фејсбук дека сè додека на Зеленски „не му се врати разумот“, Унгарија ќе ја отфрли секоја одлука што е во корист на Украина, објави МТИ.
Тој истакна дека Зеленски дал „циничен“ одговор во петокот, барајќи од Унгарија да ѝ биде благодарна на Украина, дури и кога таа „ја затворила славината“ на нафтоводот.
Унгарскиот премиер нагласи дека Зеленски одбива повторно да го отвори нафтоводот, и покрај постојните договори меѓу Украина и Европската Унија кои го бараат тоа.
Тој, исто така, рече дека испратил писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, информирајќи ја за ситуацијата.