Орбан пристигна во Москва: Посетата ја нарече „мировна мисија“

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во посета на Москва за време на која ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Неговата посета се случува неколку дена откако тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Исто така, унгарскиот премиер е во Русија само пет дена откако неговата земја го презеде претседавањето со Европската унија, пренесе РСЕ.

„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, напиша Орбан на платформата X.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се очекува Путин и Орбан да разговараат за конфликтот во Украина.

Неговата посета на Русија на самиот почеток на шестмесечното претседавање со ЕУ наиде на критики од европските дипломати.

„Со ваков вид на состанок, унгарското претседателство заврши пред да започне“, рече еден дипломат на ЕУ.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека Орбан „не ја претставува ЕУ во ниту еден облик“ во Москва. Тој рече и дека посетата на Орбан на Москва спаѓа исклучиво во билатералните односи меѓу Унгарија и Русија.

Финскиот премиер Петери Орпо рече дека веста за посетата е вознемирувачка.

„Неговата посета ќе покаже непочитување на должностите на претседавањето со ЕУ и ќе ги поткопа интересите на Европската унија“, рече претходно Орпо.

Слични содржини