Орбан: Украина, ако стане членка на ЕУ, ќе ги апсорбира сите наши пари

од Milan1
31 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија сака да ја држи Украина надвор од Европската Унија бидејќи, како што рече, членството на Украина во ЕУ би значело дека земјата ќе „ги апсорбира сите пари на Унгарија“.

Орбан во интервју за јавното радио изјави дека западните лидери одлучиле да постигнат договор со Украина за одржување на армија од околу еден милион војници, чии трошоци ќе ги покријат европските земји, објави МТИ. Унгарскиот премиер додаде дека „наместо да ги зајакнува сопствените вооружени сили, Западна Европа ѝ плаќа на Украина за своите платеници“. Според него, ова би можело да претставува сериозен безбедносен ризик за Европа, бидејќи на крајот би можело да се финансира војска чии намери „нема секогаш да бидат пријателски, или барем нема да има гаранција дека тоа ќе биде случај“.

„Членството на Украина во ЕУ е поврзано со ова, бидејќи е многу полесно да се донесат финансиски одлуки во корист на Украина ако таа земја е членка на ЕУ отколку ако не е“, рече Орбан, додавајќи дека Унгарија, заедно со другите земји од Централна Европа, ќе ја плати цената на пристапувањето на Украина во Унијата.

Премиерот ги повика Унгарците да учествуваат на референдумот во 2025 година, на кој ќе се разговара за прашањето за потенцијалното членство на Украина во ЕУ, пренесува Танјуг.

„Да не дозволиме други да одлучуваат за нас“, нагласи тој во апелот до граѓаните.

Слични содржини