Унгарскиот премиер Виктор Орбан на средбата со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Унгарија ќе биде единствената земја во Европска Унија која одржува врски и дијалог и со Русија и со Украина.
– Се намалува бројот на земји кои можат да разговараат со двете страни во судирот во Украина. Унгарија најверојатно набрзо ќе стане единствена која разговара и со Русија и со Украина, посочи Орбан.
Тој му се заблагодари на Путин за средбата „под такви предизвикувачки услови“, алудирајќи на конфликт во Украина.
– Би сакал да ја искористам оваа можност да разговарам за голем број предизвикувачки прашања и да се запознам со вашиот став за проблемите важни за Европа, истакна Орбан.
На почетокот од средбата, Путин истакна дека очекува Орбан да зборува за Украина како претседавач со ЕУ.