Орбан: Унгарија можеби ќе излезе од Еу

од Маја Анчевска
412 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја навести можноста неговата земја да ја напушти Европската унија, што е првпат да споменува таков исход, пренесува РСЕ.

Говорејќи во годишното обраќање оваа година по повод почетокот на неговата кампања за парламентарните избори во Унгарија закажани за 3-ти април, Орбан рече дека ЕУ води „света војна, џихад“ под слоганот за владеење на правото.

Во исто време, Орбан на своите поддржувачи во Будимпешта на 12 февруари им порача дека ЕУ треба да покаже „толеранција“ кон Унгарија. Во спротивно, рече Орбан, нема да може да се продолжи по заеднички пат.

Орбан во минатото постојано ги напаѓаше, како што ги нарекува, „бриселските бирократи“, но се воздржуваше од закани дека ќе си замине.

Унгарија и Полска поднесоа жалба против механизмот усвоен во декември 2020 година, кој ќе ги исклучи земјите што го прекршуваат владеењето на правото од заедничкиот буџет на ЕУ. ЕСП својата одлука треба да ја донесе на 16-ти февруари.

Телата на ЕУ и организациите за човекови права го обвинуваат Орбан, кој е на чело на Унгарија од 2010 година, дека ја напаѓа демократијата и владеењето на правото.

Орбан ги осуди обвинувањата, велејќи: „За нив владеењето на правото е средство со кое сакаат да не вовлечат во нешто што наликува на нив“.

Сепак, рече Орбан, Унгарија сака да ја задржи ЕУ заедно „и покрај растечкото културно отуѓување“.

Затоа Будимпешта постојано му дава „понуди на толеранција“ на Брисел, рече тој.

„Нема друго решение, само толеранција. Само така можеме да најдеме заеднички пат“, продолжи Орбан.

Околу 80 отсто од Унгарците се за членство на нивната земја во 27-члениот блок.

Орбан за првпат се соочува со обединета опозиција на претстојните избори, а анкетите на јавното мислење предвидуваат тесна трка.

Слични содржини