Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека денешната одлука на Европскиот суд на правдата да ја казни Унгарија во износ од 200 милиони евра и дополнителни милиони евра дневно поради миграциската политика е срамна и неприфатлива. Орбан во објава на платформа „Х“ тврди дека Унгарија е казнета поради, како што рече, одбраната на границите на ЕУ.
„Се чини дека илегалните мигранти се поважни за бирократите во Брисел отколку европските граѓани“, рече Орбан.
Унгарија ќе мора да плати казна од 200 милиони евра поради непримена на промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил, објави денеска највисокиот суд на ЕУ, Европскиот суд на правдата.
Судот наведе дека Унгарија, која претходно одби да ја спроведе судската одлука од 2020 година, исто така ќе мора да плаќа казна од 1 милион евра дневно додека целосно не ги спроведе мерките, објави Ројтерс.
Судот на ЕУ посочува дека Унгарија не презела мерки за почитување на пресудата од 2020 година во врска со правата на барателите за меѓународна заштита да останат во Унгарија во очекување на конечната одлука по нивната жалба против одбивањето на нивната апликација, како и протерувањето на трето – државјани на земјата кои илегално престојуваат во таа земја.
Унгарската влада претходно тврдеше дека пресудата од 2020 година е спорна затоа што веќе ги затвори таканаречените транзитни зони и ги заостри правилата со кои се забранува идно барања за азил.