Оштетени штедачи на „Еуростандард“: Уставниот Суд да собере сила и да ја врати вербата во правната држава

од Vladimir Zorba
303 прегледи

Оштетени штедачи на Еуростандард: Уставниот Суд да собере сила и да ја врати вербата во правната држава и владеењето на правото

„Веќе четири месеци од пропаѓањето на Еуростандард банка ја чувствуваме суровоста на системот којшто по својата функција требаше да биде наша заштита од криминалот и гаранција за нашите права. Се соочивме со суровата реалност да дознаеме дека нашите лични средства доверени во банката биле со години давани во ненаплатливи кредити, преку однапред направен план да не бидат вратени, наши пари делени во неповрат. Народната банка, институцијата која требала да не заштити, навремено да реагира и да превземе мерки да не дојде до штетни последици за депонентите во банката, не само што не реагирала туку со својата пасивност и толерантност кои допринеле да се случува и развива криминалот во банката таа постанала и соучесник во истиот. Но, Народна банка и раководниот тим предводен од гувернерката Бежоска не се единствените соучесници во овој организиран криминал. Сите други институции кои се формирани од државата со задача да го следат текот на парите и да се борат против финансискиот криминал и перењето пари, поради својата пасивност и ненавремено делување не можат да бидат изземени од направениот допринос во развојот на криминалот во банката до небесни граници“, велат денеска од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард.

„После многу непроспиени ноќи, долготрајни полемики и дузина затворени врати во потрагата за правда и правдина, својата последна и најголема надеж за правда ја полагаме во Уставниот суд на РСМ, највисокиот орган во државава којшто ја штити и одлучува за прашања од правната регулатива во земјава. Како што веќе најавивме, преку Адвокатското друштво „Кузмановски” поднесовме иницијатива до Уставен суд на ден 28 октомври 2020 година за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки. Со оваа иницијатива бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката. Воедно, бараме да се изрече и привремена мерка со која ќе се спречи нов грабеж на нас оштетените, овојпат преку одлевање на нашите пари според закон токму согласно наведениот член. Имено, преку оспоруваниот член, на Фондот му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти во банката, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени. Вака изразената нееднаквост и дискриминација е спротивна и на темелните вредности на Уставот на РСМ односно начелата на владеење на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и воедно ги доведуваат во прашање и гаранциите за основните слободи и права на физичките и правни лица во земјава.

Здружението на оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, коешто токму поради вербата во правда и правичност го носи и наведеното име, цврсто се надева и верува дека Уставниот суд ќе одлучува правично и праведно, земајќи ги во предвид сите факти и контрадикторности кои ги носи предметниот член од Законот за банки.

Ценејќи дека со пропаѓањето на Еуростандард банка се предизвика голема неправда и директна штета врз околу 3.000 семејства, чии лични средства се заробени и злоупотребени во банката не по нивна вина и поради што веќе трпат последици, упатуваме апел до Уставниот суд и до уставните судии да својата конечна одлука по предметната иницијатива ја донесат што е можно поскоро.

Се надеваме и веруваме дека со одлуката на Уставниот суд ќе бидеме во можност да бидеме обештетени од стечајната маса на еден фер и правичен начин, а којшто нема да биде нерамноправен и дискриминирачки, како што е случајот поставен сега. Здружението изразува надеж дека Уставниот Суд ќе собере сила и ќе ја врати вербата во правната држава и владеењето на правото. Длабоко сме убедени дека одредбата која е оспорена и за која се бара укинување е неуставна. Останува на Уставниот суд да ја донесе конечната праведна одлука, со која се надеваме ќе се надминат страдањата на оние кои се оштетени од системот не по нивна вина. Веруваме дека на крајот сите ќе бидеме победници. На крајот, сепак, правдата ќе победи!“, додаваат оттаму.

Слични содржини