„Нашето законодавство за стечајна постапка на банка е со голема неусогласеност во однос на директивите на Европската унија. Во сите европски земји, местото на Фондот за осигурување на депозити во исплатен ред од стечајна маса на банка и неговиот статус на доверител во стечајна постапка на банка, се јасно и недвосмислено дефинирани во соодветни закони. Па така, во европските земји, местото на Фондот во исплатниот ред е дефинирано во Закон за стечај на банка (како посебен закон за стечај којшто го регулира само стечајот на банка) додека статусот на доверител на Фондот во стечајна постапка на банка е утврден во Закон за Фонд за осигурување на депозити. Во Македонија, местото на Фондот во исплатниот ред од стечајна маса на банка, не е дефинирано во ниту еден закон. Едноставно го нема“, се вели во денешното соопштение на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Додека статусот на доверител на Фондот е регулиран со неговиот статут, што e интерен акт а не е закон. Во нашата земја, дали Фондот е доверител во стечајна постапка на банка или не одлучуваат само тројца членови на Управниот одбор на Фондот, со просто мнозинство. И таа одлука ја прифаќаат и ја поддржуваат судовите кај нас. Македонија е единствена земја на Европскиот континент и пошироко каде статусот на Фондот како доверител во стечајна постапка на банка е утврден со неговиот статут, а не со закон.
Понатаму, согласно директивите на Европската унија, висината на осигурените депозити за обештетување на депоненти во пропадната банка во сите европски земји е до 100.000 евра додека кај нас тоа е до 30.000 евра. Во Европската унија, обештетувањето се однесува подеднакво и за правни и за физички лица, додека кај нас тоа важи само за физички лица. Правните лица (фирми и други правни субјекти) не се обештетуваат како и физичките лица, што во тој однос е дискриминација каква што не постои на Европскиот континент. Ние сме единствена земја и уникатен пример каде правните лица не се обештетуваат како и физичките лица, а во исто време се обврзани со закон да целиот платен промет го вршат само и единствено преку банките. Со други зборови, доколку пропадне банка, со тоа пропаѓаат и сите парични средства што една фирма ги има во таа банка, без било какво обештетување. И во сите земји од нашето опкружување кои не се членови на Европската унија, како Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, правните лица се еднакви во обештетувањето со физичките лица. Дека постои дискриминација потврди и Уставниот суд којшто во мај минатата година донесе одлука со која се укина приоритетното место на Фондот за наплата од стечајната маса на банка пред сите други доверители.
Во однос на физичките лица депоненти во банка, предмет на обештетување покрај депозитите од 100.000 евра, според директивите на Европската унија, се и депозити од трансакции кои се поврзани со приватен имот наменет за живеење, депозити поврзани за одредени настани од животот на депонентот, како брак, развод, пензионирање, оставки, отпуштања, инвалидитет или смрт, како и депозити добиени од надоместок по основ на осигурување или отштета за жртви на кривични дела или грешки на правосудни органи. Додека кај нас во Македонија, сите парични средства, вклучително и по овие основи, се сметаат како единствен депозит и не се предмет на дополнително обештетување или исклучоци, како што е тоа случај во Европската унија.
И конечно, согласно директивите на Европската унија, висината на средствата за осигурување на депозити кои треба годишно да ги плаќаат банките во Фондовите за осигурување на депозити изнесува најмалку 0,8 отсто од вкупната депозитна маса во банките. Додека кај нас, тој процент е најмногу 0,7 отсто, а во реалност изнесува само 0,25 отсто, износ којшто е утврден и дозволен од Управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити што го плаќаат банките со години.
Заклучокот е дека Европските директиви налагаат многу поголема заштита на депонентите отколку што е тоа случај во нашето законодавство и на тој начин ја јакнат стабилноста на банкарскиот систем и го штитат јавниот интерес. За разлика од ваквата состојба, во нашата држава се добива впечаток дека депонентите, физички и правни лица, се изложени на преголем ризик и премала заштита, сосема спротивно на Европските директиви. Прашањето за редоследот на Фондот за осигурување на депозити при наплата од стечајна маса во стечајна постапка на банка е регулирано различно, од држава до држава, но тоа е секогаш прилагодено, исто така, првенствено на заштита на интересите на депонентите.
Примената на позитивните законски прописи и во нашата држава треба да поаѓа од заштита на интересите на депонентите како водечко начело. Стабилноста на банкарскиот сектор и заштитата на јавниот интерес треба да се заснова на сигурноста и на интересите на депонентите. Решавањето на исплатата од насобраната стечајна маса на Еуростандард банка во стечај, треба приоритетно да биде во правец на заштита на интересите на граѓаните и фирмите депоненти на пропаднатата банка, што е и уставно право. Оттука, депонентите физички и правни лици на Еуростандард банка, бараат и очекуваат да се испочитуваат позитивните законски прописи и да бидат обештетени од стечајната маса на банката, каде сега има собрано доволно парични средства за нивно целосно обештетување“, се додава во соопштението.