Апелациониот суд во Пакистан го ослободи братот на инфлуенсерката Кандил Балох, три години откако тој беше осуден за нејзиното убиство, бидејќи таа му „предизвикала срам“ на семејството.
Убиството на ѕвездата на социјалните мрежи во 2016 година предизвика гнев во јавноста и поттикна измени во законот за таканареченото „убиство од чест“.
Адвокатот на Васим Балох, Сардар Мехмуд, ја потврди ослободителната пресуда за Си-Ен-Ен, но не даде повеќе детали. Судскиот налог се уште не е објавен.
Васим Балох беше уапсен неколку дена по убиството и на видео призна дека ја убил својата 25-годишна сестра во нејзината семејна куќа во градот Мултан во пакистанската провинција Пенџаб. И покрај признанието, тој пред судот се изјасни за невин и во 2019 година беше осуден на доживотен затвор.
Таканаречените „убиства од чест“ обично вклучуваат жена која е убиена од машки роднина, татко, брат, сопруг, кој проценува дека таа на некој начин го посрамотила семејството. Во времето на убиството на Кандила Балох, пакистанскиот закон му дозволи на семејството на жртвата на убиството да го помилува осудениот убиец. Бидејќи убиецот е главно член на семејството, повеќето од овие злосторства поминаа неказнето.
Активистите за човекови права стравуваа дека законот ќе биде искористен за да се поштеди Васим Балох. Три месеци по убиството на инфлуенсерот, пакистанските пратеници под притисок на јавноста донесоа закон за забрана на контроверзната практика.
Но, ослободителната пресуда на Васим Балох во понеделникот ги налути активистите за правата на жените во Пакистан.
„Овој човек кој призна дека ја убил Кандил, неговата сопствена сестра, сега е слободен човек во истата земја во која Кандила не можеше слободно да го живее својот живот“, рече адвокатката и активистка Најхат Дед, Шокирана сум и без зборови“, додаде таа.
Реагираше и активистката Санам Махер. „Во општество кое ужива да ги казнува жените кои ги прекршуваат правилата, не треба да чуди што секој осомничен во овој случај е ослободен“, рече таа. „По денешната пресуда, можеме да се запрашаме, кој ја уби? Никој, изгледа. Со прифаќањето на тој одговор, сите ние сме соучесници во злосторството да не ги заштитиме жените“.
Кандил Балох која ја нарекоа новата или пакистанската Ким Кардашијан, стана позната во конзервативниот и патријархален Пакистан благодарение на нејзините смели и политички објави на социјалните мрежи. Таа се претстави како „модерна феминистка“ и имаше речиси 750.000 следбеници на Фејсбук. Но, во Пакистан, нејзините објави за фризури, вљубување или познати личности не беа прифатливи. Нејзиниот брат во снимената исповед изјавил дека е „горд“ што ја убил својата сестра, додавајќи дека тоа што неговите пријатели ги споделувале нејзините слики и видео клипови е „премногу“ за него.
„Прво ја дрогирав, а потоа ја убив“, вели тој. „Девојките се родени за да останат дома и да ја следат традицијата. Мојата сестра никогаш не го направи тоа“.