Шефот на дипломатијата Бујар Османи ја осуди изјавата на потпретседателката на Република Бугарија Илијана Јотова дадена вчера на настан, а која и во соопштението за нејзиниот говор објавено на веб-страницата на претседателската институција, македонската нација ја назначи за „таканаречена“.
Тој нагласи дека имаат комуникација со бугарската Влада и потенцира дека односите меѓу двете држави често пати биле жртва на внатрешните политички динамики во Бугарија.
-Знаете дека најголемата криза во односите се случи околу, пред, после изборите таму и секогаш одредени политички актери се обидуваа ова прашање да го користат за добивање на политички поени. За жал, потпретседателката што ја спомнавте предничеше во една таква кампања против Република Северна Македонија, против македонскиот народ во обид да си создаде сопствен политички профил. Меѓутоа не само што во Република Северна Македонија тоа наиде на едно отфрлање, туку и во Република Бугарија се повеќе јасно се гледа дека одредени политички актери без никакво чувство за важноста на билатералните односи помеѓу двете држави ја злоупотребуваат оваа тема за дневно-политички агенди. Можам само да го осудам таквиот начин којшто не носи добро ниту на Република Бугарија, ниту на односите помеѓу нашите две држави коишто се НАТО сојузници и повторно ќе кажам потпретседателката Јотова предничеше во оваа агресивна кампања која можам само да ја осудам, рече Османи на новинарско прашање дали МНР ќе реагира на изјавата на Јотова по прес – конференцијата со министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску која престојува во работна посета на земјава.
Во врска со Јотова, прашан дали останува само на неговата лична осуда за изнесените обвинувања како и за нејзината оценка дека како држава земјава нема што да бара на патот кон ЕУ заедно со Албанија, бидејќи не биле исполнети бугарските барања, шефот на дипломатијата повтори дека тие изјави се во функција на внатрешната дневно – политичка агенда.
-Согласно нашето уредување еден од ретките функционери кој кога зборува не зборува во лично име туку зборува во име на државата е министерот за надворешни работи. Моите ставови се ставови на Република Северна Македонија и тие што ги кажав кон Јотова како еден од предводниците на негативната кампања кон Република Северна Македонија и македонскиот народ само заради внатрешни динамики во Република Бугарија и меѓусебни партиско-политички препукувања што е кратковидост за една таква важна позиција како што е потпретседател на една држава, вели министерот Османи.
Во контекст на уставните измени, тој појасни дека во односот со Бугарија постоеле две алтернативни патеки – или историско идентитетската траекторија односно историско идентитетскиот дискурс со Бугарија или малцинско човековите права. Трета опција немаше, вели тој, оти тоа би значело прекин на комуникацијата, односно прекин на процесот на европска интеграција.
-Ние ја форсиравме траекторијата за човечки и малцински права бидејќи тоа е наш терен. Историско идентитетската траекторија ја отфрливме и затоа уставните измени како парадигма на човечките и малцинските права и тој Акциски план којшто е дел од патоказите се нашиот избор во дискурсот со Бугарија. Доколку ние не го прифативме овој дискурс ќе требаше да го прифатиме вториот, а тоа е да разговараме за историски и за идентитетски прашања. И затоа сметам дека секој што се противи на оваа траекторија всушност сака да не врати на втората траекторија – на историските и идентитетските прашања и тука ми е мене делумно и сомнежот освен класичната партиско-политичката агенда да се добијат политички поени и чесно кажано на најмонструозен начин да се злоупотребат емоциите на граѓаните по однос на едно прашање. Не знам дали се свесни што прават, дали се свесни дека со оневозможување на малцинско човековите права како дискурс со Република Бугарија за кои можеме само да разговараме, всушност ни го враќаат во агенда претходниот дискурс, освен доколку немаат намера за тоа, вели Османи.