Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Мировниот самит за Украина што се одржува во Швајцарија, изјави дека Косово може да ја сподели својата приказна за тоа како, од држава изградена од нула, се претвори во „пример за демократија и моќни сојузи“, пренесоа косовските медуми.
Осврнувајќи се на актуелната ситуација во Украина, Османи, како што соопшти прес-службата на Претседателството, истакнала дека мирот е поврзан и со правдата за жртвите кои настрадаа за време на војната.
– Како што знаеме од нашето горчливо искуство во Косово, не е доволно едноставно да се гледа на мирот како изолиран концепт, бидејќи тој во голема мера зависи од правдата, правдата за жртвите, за оние кои најмногу настрадаа за време на војната. Како Косово, верувам дека сме во позиција со сите други учесници на овој Самит да ја споделиме нашата приказна, приказната за Косово како држава која е изградена од нула, како држава која многу страдаше и се жртвуваше. Сепак, ние се претворивме во пример за демократија и моќни сојузи, изјави Османи.
Косовската претседателка, според соопштението од нејзиниот кабинет, порача дека е време сите земји да застанат на страната на Украина, како што тоа беше направено за Косово за време на војната.
– Како што беа неопходни сојузи за да се спаси Косово од геноцидниот режим, подеднакво е важно што сега, кога целата безбедносна архитектура во Европа е загрозена преку руската агресија, сите заедно да застанеме во истите вредности и да ги браниме истите принципи… како што се бранеа во 90-тите години во Косово, порача Османи, цитирајќи го американскиот претседател, Џо Бајден дека во „во тешки моменти е важно со кого ќе застанеш“.