Освен климатските промени на Арктикот има уште еден проблем, се повеќе ѓубре

од Milan1
262 прегледи

Научниците предупредија дека Арктикот освен постојните последици од климатските промени, има нов проблем, ѓубрето кое доаѓа со зголемениот поморски сообраќај низ регионот.

Арктикот се загрева двојно побрзо од остатокот од светот, па така топењето на мразот што долго време ја покрива областа отвора нови морски патишта. Минатата година, истражувачите забележаа дека ѓубрето ги закопува плажите на Беринговиот теснец во близина на Алјаска.

„Ова е директна последица на зголемените поморски активности“, рече климатологот Рик Томан од климатскиот центар на Алјаска, еден од главните уредници на Арктичкиот извештај што го објавува годишно државната агенција НОАА.

Отпадот покажува „што им дозволуваат климатските промени да прават луѓето во регионот“, рече Томан.

Помеѓу 2016 и 2019 година, бројот на рибарски, товарни и воени бродови што минуваат низ регионот порасна за 58 отсто, а експертите велат дека сообраќајот ќе продолжи да расте паралелно со глобалното затоплување.

Со поморскиот сообраќај доаѓа бучава. Подводните звучни слики на Арктикот станаа побучни, што е проблем за морските цицачи кои користат звук за навигација и социјализација, предупредува Томан.

За најниското ниво на мраз во пролетта оваа година говори и годишниот извештај објавен на конференцијата на Американската геофизичка унија, што е уште еден знак дека климатските промени брзо го менуваат Арктикот.

Светската метеоролошка организација потврди дека минатата година во сибирскиот град Верхојанск е забележан температурен рекорд на Арктикот од 38 степени.

„Жителите на Арктикот веќе доживуваат огромни промени“, вели коавторот Ана Лилједал.

Слични содржини