Отворена куќа за домување на жените – жртви од семејно насилство

од Берта Китинска
380 прегледи

Во Скопје, од страна на Град Скопје во соработка со Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, се отвори куќа за отворено домување за жените жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина.

– Градот Скопје изминативе години ја препознава потребата за обезбедување услуги на жртвите на семејно насилство, како посебна ранлива категорија, нивна реинтеграција и рехабилитација и развива програми и мерки за помош и поддршка согласно со нивните потреби. Ова е видливо и преку воспоставувањето на Првиот семеен центар на Град Скопје кој функционира во рамките на Здружението нa граѓани ХЕРА и кој претставува прв и единствен специјализиран сервис каде услуги добиваат и сторителите на семејно насилство, при што се работи на превенција на насилството, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој нагласи дека Градот Скопје продолжува и понатаму да поддржува унапредување на сервисите од ваков тип, со цел ефективно и ефикасно справување со семејното насилство.

– Оваа куќа е прв сервис од ваков тип во земјава, а и пошироко, односно на целиот Западен Балкан. Процесот на реинтеграција и рехабилитација е клучен кога се работи за семејното насилство и кога се работи за напуштање на насилната средина и повторно поддршка за жените за нивно повторно вклучување во општествениот живот преку психолошко и економско јакнење, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Таа изрази надеж оти ќе покажат дека сервисот што досега недостасувал – куќата за домување, е клучен за жените навистина да успеат да се изборат со насилството и да успеат да започнат нов живот.

– Покрај безбедно домување и задоволување на сите егзистенцијални потребни, ќе добијат и континуирана психолошка поддршка, првенствено за надминување на траумите, а секако и за правење на идни планови за својот живот и за нивно економско јакнење, рече Димушевска.

Таа појасни дека за најмалку 10 жени жртви на семејно насилство и за нивните деца, кои живеат на подрачјето на град Скопје, ќе биде обезбедено отворено или транзитно домување во времетраење од шест месеци од моментот на напуштање на насилната средина, се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот, односно не стане економски независна, не обезбеди сопствено домување и стабилен финансиски приход.

Куќата за отворено домување располага со четири простории за спиење, тоалет, бања и заеднички простор за кујна и дневен престој.

Слични содржини