Ова е очај, а не криза, секој ден затвораме два ресторани, велат угостителите од Ирска

од Milan1
33 прегледи

Повеќе од 600 ресторани во Ирска во последната година биле принудени да стават катанец на вратата и да им предадат отказ на вработените работници. Се поголемата криза во уличната и угостителската понуда на оваа земја се гледа насекаде.

Здружението на ресторани на Ирска посочува дека секој ден во просек се затвораат по два ресторани, кафулиња или други прехранбени претпријатија, што е удар за угостителството во земјата. Сопствениците на ресторани, кафулиња и пабови фрустрирани од оваа ситуација бесно маршираа до ирскиот парламент.

Во градот Корк, гурманската престолнина на Ирска, Дарина Ален, готвачка и основач на реномираното училиште за готвење „Балимало“ бесно вели: „Имам 76 години. Никогаш во животот не сум излегла на улица да протестирам, но станав во 6 часот наутро за да го фатам возот за Корк. Бев решена да го поддржам овој протест“.

„Луѓето се навистина лути низ целата земја. Тие едноставно се чувствуваат напуштено, понижено. Сè што сакаат е да заработат релативно пристојно живеење за да можат да го платат својот персонал, да реинвестираат малку во нивните бизниси и да ги образуваат своите деца. Ова е само преживување од ден на ден. Не е само кукање, тоа е очај. Се што сакаат рестораните е искрена поддршка, признание за тоа што го работат“, вели Дорина.

Зголемувањето на стапката на ДДВ за 50 отсто, односно од девет на 13,5 отсто, доведе до тоа  бизнисите со храна да се борат за опстанок, оценува Здружението на ресторани на Ирска, пренесува „Гардијан“.

Стапката падна на 9 проценти за време на пандемијата, но рестораните велат дека е прерано повторно да се воведе повисока стапка со оглед на зголемените сметки за енергија, зголемените трошоци за храна, потиснатата побарувачка на потрошувачите поради кризата со трошоците за живот и работата од дома.

Тие беа уверени дека владата ќе одговори на нивната кампања за поништување на зголемувањето на ДДВ, имајќи ја предвид здравата состојба на финансиите во земјата, посочувајќи дека во 80-тите години, ДДВ беше само 6 проценти.

Но, кога министерот за финансии, Џек Чемберс, го претстави својот буџет на 2 октомври, рестораните сфатија дека даноците се зголемуваат.

Покрај зголемувањето на ДДВ, на тешката положба на угостителите влијаеше и инфлацијата, но и зголемениот број на луѓе кои не одат во канцеларии, туку работат од дома.

Слични содржини