Додека расте меѓународниот притисок врз Израел да ја прекине својата воена операција во Газа поради катастрофалните хуманитарни услови, протестите стануваат сè погласни и во самиот Израел.
Барањата се различни, но сè повеќе гласови бараат од премиерот Нетанјаху конечно да стави крај на воената операција. Најгласни од првиот ден се семејствата на заложниците што ги киднапираше Хамас во бруталниот терористички напад во октомври 2023 година, што и беше повод за израелската одмазда.
Според податоци од почетокот на август, во Појасот Газа сè уште се наоѓаат околу 50 израелски заложници. Нема сигурни информации колку од нив се живи, а израелските медиуми веруваат дека барем половина се.
Ефрат Машикава, чие чичко беше меѓу последните ослободени од заробеништво на Хамас кон крајот на јануари оваа година, ја продолжи борбата за ослободување на преостанатите заложници.
Ангажирана дипломатски и политички, таа од првиот ден порачува дека целта на Нетанјаху никогаш не била искрено претставена: „Целата нација е измамена. Ни велат дека воениот притисок ќе ги врати заложниците, а всушност само ги убива“. Семејствата нагласуваат дека ниту еден заложник не е ослободен преку воени акции, туку исклучиво преку преговори.
Морален колапс
Од почетокот на воената акција против Хамас, две водечки израелски организации за човекови права – Б’Целем и Лекари за човекови права – се против неа. Кон крајот на јули, првпат јавно ја обвинија израелската власт за геноцид поради убиства и изгладнување на населението.
Сè погласно против продолжувањето на војната зборуваат поранешни водечки политичари, генерали и разузнавачи.
„Она што Израел го прави сега во Газа е многу блиску до воен злостор“, рече поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт во интервју за BBC во мај. Тој додаде дека ова сега е војна без цел и дека е време да се прекине.
Тамир Пардо, кој бил директор на Мосад од 2011 до 2016 година, изјави за The Atlantic дека продолжувањето на војната води кон морален и политички колапс, бидејќи веќе не гледа никаква воена или политичка цел освен одмазда.
„Војната ги загрозува животите на војниците, заложниците и цивилите во Газа“
Пред два месеца, повеќе од 1300 израелски академици потпишале отворено писмо во кое предупредуваат на морален колапс: „Ова е ужасен список на воени злосторства и злосторства против човештвото – наша сопствена вина… Запрете ја оваа политичка војна која не ѝ служи на националната безбедност на Израел“.
Околу 350 израелски писатели, меѓу кои и Давид Гросман, Јошуа Собол и Зеруја Шалев, во април годинава потпишале писмо со повик за прекин на разорната војна во Газа, објави Times of Israel.
„Оваа војна ги загрозува животите на војниците, заложниците и предизвикува ужасно страдање кај беспомошните цивили во Газа“, стои во писмото. „Делата во Газа и на окупираните територии не се направени во наше име, но ќе бидат на наша сметка.“ Авторите го обвинуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху дека ја продолжува војната од лични причини.