Цените на акциите паднаа денеска во азиското тргување, следејќи го трендот на глобална продажба, бидејќи поагресивните тонови на американските креатори на политиката за потребата од посилно заострување на монетарната политика ги вознемирија играчите на пазарот и го притиснаа доларот поблиску до највисокото ниво во последните две години.
Најширокиот азиско-пацифички берзански индекс, MSCI, без јапонските, падна за 1,17 отсто на најниско ниво во последните седум дена, а јапонскиот Nikei потона за 1,9 отсто, пренесе Ројтерс.
Негативен тренд бележат и цените на европските и американските акции. Фјучерсите на Eurostock 50 утринава ослабнаа за 0,2 отсто, на Волстрит фјучерсите на акциите во кошничката на индексот S&P 500 паднаа за 0,37 отсто, а фјучерсите на технолошки Nasdaq поевтинија за 0,35 отсто.
Записникот од состанокот на американската централна банка од 15 до 16 март, кој беше објавен во средата, ја покажа зголемената загриженост на креаторите на политиката дека инфлацијата ја зафати целата економија.
Гувернерката на Федералните резерви на САД, Лаел Брејнард изјави дека очекува билансот на централната банка брзо да се намалува.
Редмонд Вонг смета дека на долг рок позитивните реални каматни стапки би биле добри за глобалната економија, но дека на среден рок би имало ревалоризација на цените на недвижностите.
Сите три главни индекси на њујоршката берза паднаа во текот на ноќта, а најлош беше технолошкиот Nasdaq Composite, кој падна за 2,22 отсто.
Инвеститорите ги мачат и растечките економски тензии во Кина, која се бори со новиот бран на Ковид-19.
Шангај, кој моментално е во карантин, пријави скоро 20.000 нови случаи на 6 април, при што огромното мнозинство од заразените не покажаа никакви симптоми на болеста, соопштија утринава локалните власти.
Аналитичарите на финансискиот холдинг-компанија Nomura во вторникот процениле дека вкупно 23 кинески градови, во кои заедно живеат околу 193 милиони луѓе и сочинуваат 22 отсто од БДП на земјата, спроведоа мерки за целосно или делумно затворање.
Индексот на најликвидни кинески акции падна за 0,9 отсто, а акциите на берзата во Хонг Конг паднаа за 1,3 отсто, а најголема загуба забележаа акциите на големите кинески технолошки компании
Пред објавувањето на записниците на ФЕД, започна големата продажба на американските државни должнички хартии од вредност, со скок на приносите, пред тие подоцна да се стабилизираат.
Приносите на американските десетгодишни обврзници забележаа мала промена во трговската размена со Азија и изнесуваа 2,5865 отсто, додека приносот на двегодишните записи е нешто помал, 2,4554 отсто.
На девизните пазари, очекуваното квантитативно затегнување во Соединетите Држави го турна доларот блиску до највисокото ниво во последните две години во однос на кошницата валути.
Индексот на доларот беше 99.537 поени, откако во текот на ноќта достигна ниво од 99.778 поени, поддржан од слабеењето на валутите поврзани со суровините од неодамнешните највисоки нивоа поради падот на цената на нафтата и падот на еврата.
Заедничката валута на еврозоната благо закрепна од минатомесечниот минимум, но се уште е под притисок, според аналитичарите на ING Bank, поради „двојната закана“ – економското влијание на новите санкции врз Русија и неизвесноста околу исходот на француските избори.
Спот цената на златото падна за 0,23 отсто на 1.920,9 долари за унца.