Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска изјави дека јавните настапи во кои се споменува промена на границите на Западен Балкан „ги загрозуваат мирот и безбедноста во регионот“, како и дека тоа важи за сите кои во последно време користат такви изјави. Единствениот одговор за растот на национализмот и идејата за промена на границите во Западен Балкан е проширување на Европската унија, рече шефот на словенечката држава по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
На прес-конференцијата по средбата, Пахор рече дека останува посветен на идејата за влез на Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е важно за благосостојбата на луѓето од Западен Балкан и ЕУ, пренесува Анадолија.
Тој оцени дека процесот на вклучување на Западен Балкан во ЕУ е премногу бавен и затоа се зајакнуваат политиките на национализам и за менување на границите, кои се опасни за мирот и безбедноста.