Иако почина во август минатата година, не престануваат шокантните обвинувања против богатиот претприемач и поранешен сопственик на „Хародс“ Мохамед Ал Фаед. Како што неодамна објави Би-би-си, повеќе од 20 жени го споделија своето искуство од работењето во „Хародс“, а сите рекоа дека биле сексуално злоставувани, а некои од нив дури и силувани.
Инаку, Мохамед ал Фаед е татко на Доди ал Фаед, човекот со кој принцезата Дијана беше во врска во последните месеци од нејзиниот живот и кој почина во истата сообраќајна несреќа со неа во Париз.
А се чини дека нивните сведоштва во документарецот на Би-би-си само ја отворија Пандорината кутија. Сега, се јавиле уште 65 жени, обвинувајќи го Ал Фаед за злоставување кое се случувало пред речиси 50 години.
Една жена рекла дека Ал Фаед ја нападнал во Дубаи во 1977 година, што е најраното тврдење досега, пишува британскиот весник „Сан“.
Мохамед ал Фаед, кој беше поранешен сопственик на луксузната стоковна куќа „Хародс“ и фудбалскиот клуб Фулам, почина минатата година на 94-годишна возраст и беше обвинет за повеќекратни сексуални напади откако минатиот месец беше објавена истрага на Би-би-си за моќниот египетски милијардер. Би-би-си соопшти дека 37-те жени кои дошле работеле во стоковна куќа во Лондон.
Адвокатите кои ги застапуваат наводните жртви минатата недела изјавија дека досега се јавиле повеќе од 70 жени. Полицијата, исто така, истражува голем број нови обвинувања против Мохамед Ал Фаед, а соопштија и дека ќе спроведат „целосна ревизија на сите постоечки наводи“ за инцидентите, за кои се наведува дека се случиле помеѓу 1979 и 2013 година.
Во целиот случај е вклучена и полицијата, која е во контакт со адвокатите кои ги застапуваат наводните жртви со цел „да бидат сигурни дека сите имале можност да разговараат со нив и да ги пријават сите прекршоци“, пренесува британски „Сан“.
Да потсетиме, „Хародс“, во периодот кога Ал Фаед бил на чело на луксузната стоковна куќа, не интервенирал, туку помогнал да се прикријат обвинувањата за насилство. Сегашните сопственици на „Хародс“ рекле дека се целосно згрозени од обвинувањата и дека жртвите биле изневерени од страна на стоковната куќа. Инцидентите се случиле во Лондон, Париз, Сен Тропе и Абу Даби.
А откако се огласиле вработените жени од Лондон, кои тврделе дека биле нападнати и силувани од богатиот бизнисмен Мохамед Ал Фаед, додека работеле за него, се огласила и една жена од Париз.
Кристина Свенсон работела во престижниот хотел „Риц“ на Ал Фаеед, а таа е првата жртва што ќе поднесе тужба во Франција. Таа работела како извршен асистент на Ал Фаед во „Риц“ во јуни 1998 година – само 9 месеци по смртта на принцезата Дијана и Доди Ал Фаед, во сообраќајната несреќа. Имено, парот ги поминал последните часови на вечера во „Риц“.
Кристина, пак, открила дека, иако Ал Фаед бил уништен од загубата на својот син, неговата тага не ги запрела неговите „насилни и перверзни напади врз жените“.
– Силуваше и напаѓаше млади жени и девојки дури и во најцрните моменти. Единствено за што можеше да размислува беше сексот. Беше целосен перверзник, редовно вршеше криминални дејствија врз жени – изјавила Кристина претходно за „Дејли мејл“.
Во Велика Британија досега се појавија повеќе од 150 жртви, а нивните шокантни приказни за злоставување и силување имаат застрашувачки сличности со онаа на Кристина.