Папата Франциск: Лидерите на земјите од Г7 да го стават човечкото достоинство на прво место во развојот на вештачката интелигенција

од Илинка Илиоска
621 прегледи

Папата Франциск денеска на состанокот на Г-7, го покрена прашањето за надежите што се ставаат на вештачката интелигенција и ризиците што таа ги носи. Тој ги повика лидерите на земјите од Г7 да го стават човечкото достоинство на прво место во развојот на вештачката интелигенција и предупреди на опасностите од оваа нова технологија, која има потенцијал дури и меѓучовечките односи да ги претвори во алгоритми.

-Ние би го осудиле човештвото на безнадежна иднина ако им ја одземеме способноста на луѓето да донесуваат одлуки за себе и за своите животи, осудувајќи ги да зависат од одлуките на машините. Мораме да обезбедиме и зачуваме простор за соодветна човечка контрола врз изборите направени од програмите за вештачка интелигенција: самото човечко достоинство зависи од тоа, рече папата.

Според Папата, тоа е технологија на која и недостасуваат човечките квалитети на сочувство, милост, морал и простување, што го прави премногу ризично да се развива без надзор.

Папата рече дека вештачката интелигенција пред сè мора да се биде за заштита на основните човекови права, промовирање на мирот и заштита од дезинформации, дискриминација и искривување на вистината.

Покрај неговиот говор за вештачката интелигенција, папата има закажано средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со поканети лидери од Алжир, Бразил, Индија, Кенија, Турција и со членовите на Г7, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, кој е католик, канадскиот премиер Џастин Трудо и францускиот претседател Емануел Макрон.

Слични содржини