Песков: ЕУ ќе плати повеќе за понеквалитетни азотни ѓубрива

од Milan1
22 прегледи

Европската унија во иднина ќе плаќа повеќе за азотни ѓубрива, а ќе добива производи со послаб квалитет, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, реагирајќи на одлуката на Европскиот парламент да воведе многу високи царини за увоз на ѓубрива и земјоделски производи од Русија и Белорусија.

Песков истакна дека руските ѓубрива, вклучително и азотните ѓубрива, претставуваат „највисок квалитет на светскиот пазар“, и дека Европската унија со овој потег првенствено ќе и наштети на сопствената економија, пренесува РИА Новости.

Портпаролот на Кремљ рече дека руските производители ќе го пренасочат извозот во земји кои водат попрагматична политика, додека Европа, како што рече, „како и многупати досега ќе ја плати цената на сопствените геополитички амбиции“.

Европскиот парламент денеска гласаше за воведување високи царини за ѓубрива и одредени земјоделски производи од Русија и Белорусија, со цел, според сопствените тврдења, да спречи потенцијална закана за безбедноста на храната во Европската унија и да ги ограничи руските средства за војната во Украина, пренесува „Ројтерс“.

Царините за одредени ѓубрива на база на азот од Русија и Белорусија постепено ќе се зголемуваат во следните три години со цел европскиот пазар непречено да се прилагоди, од 6,5 проценти на речиси 100 проценти, што се очекува целосно да ја запре трговијата со оваа стока.

Европската унија во иднина ќе применува царина од 50 отсто за претходно несанкционираните земјоделски производи од овие земји, вклучувајќи шеќер, брашно, оцет и добиточна храна, се наведува на веб-страницата на ЕП.

Регулативата е донесена со 411 гласа „за“ и 100 „против“, со 78 воздржани, а овие мерки се очекува да стапат во сила од 1 јули.

Слични содржини